По две години во затвор, Сеат Кочан бара помилување

Сеад Кочан, Фото: Архива

Осудениот бизнисмен Сеат Кочан, кој досега одлежа нешто над две години од затворската казна од четири години и осум месеци за случајот „Труст“ за ископ на јаловина во РЕК Битола, бара помилување од државата, објави Алсат, повикувајќи се на свои извори.

Според телевизијата, Кочан веќе проследил барање до Министерството за правда да биде пуштен од затвор пред да ја одлежи во целост изречената казна.

Поранешниот сопственик на фирмата „Трансмет“ е во затвор од први август 2019 година. Кривичниот суд првично го осуди на шест години затвор за лажно формирање конзорциум за да добие тендер за ископ на јаловина. Но, Апелациониот суд му ја намали казната за 16 месеци.

Освен затворска казна за Кочан, судот пресуди и конфискација на 17 милиони евра од „Трансмет“ или онолку колку што тежеше тендерот кој Кочан го доби со тоа што формирал лажен конзорциум за да ги исполни условите да биде конкурентен. Конфискуван е имот од компанијата – 26 недвижности, 204 движни предмети од имотот на Кочан, меѓу кои 100 возила и други движни ствари, кои се под залог кај комерцијални банки.

Сепак, за Агенцијата за управување со одземен имот да почне да го распродава конфискуваниот имот, тој треба да биде „чист“ и врз него да нема никаква хипотека, пишува Алсат. Освен Кочан, на затворска казна од три години во случајот „Труст“ беше осуден и Василије Авировиќ. Но, висината на затворската казна ја коригираше Апелација и му беше определена алтернативна казна – две години условно. Неговата мајка, Владанка Авировиќ, беше дел од осумтемина пратеници кои ја поддржаа власта за промената на Уставот околу името на државата, како и за време на ратификувањето на договорот од Преспа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот