Повторно лепра во регионот по децении: Потврден е случај во Хрватска
Во Хрватска е потврден изолиран случај на лепра, позната како Хансенова болест, хронична заразна болест предизвикана од бактерија. Станува збор за странски работник, а надлежните уверуваат дека ситуацијата е под контрола и дека нема причина за паника, објави хрватски „Индекс“.
Препорачано
Последниот случај на лепра во Хрватска бил регистриран во 1993 година.
Лепрата е хронична заразна болест предизвикана од бактеријата Mycobacterium leprae. Најчесто ги зафаќа кожата и периферните нерви, а доколку не се лекува може да доведе до трајни оштетувања и инвалидитет. Иако со векови била синоним за стигма и изолација, денес лепрата успешно се лекува со комбинација на антибиотици и претставува излечива болест.
Според податоците на Светската здравствена организација, повеќето заболени со навремено лекување можат да водат нормален живот без ризик за околината.
Надлежните уверуваат дека ситуацијата со изолираниот случај на лепра во Хрватска е целосно под контрола. Пациентот со симптоми пред околу десет дена се јавил кај сплитските епидемиолози, а случајот е навреме откриен и потврден. Заболениот е на терапија, додека неговите блиски контакти превентивно примаат профилакса и се под медицински надзор.
Станува збор за странски работник од Непал кој со семејството живее во Хрватска околу две години. Епидемиолозите објаснуваат дека лепрата е хронична, но излечива болест, чиј третман трае од шест до 12 месеци со комбинирана терапија и дека не претставува сериозна закана за пошироката јавност.
Поради зголемената миграција, здравствените власти најавуваат воведување задолжителни здравствени прегледи и проверки на вакциналниот статус за странските работници. Целта е навремено откривање на болести што не се присутни во земјата и спречување на нивно ширење, а постапката за донесување на регулативата е во тек.
Лекарите нагласуваат дека лепрата е слабо заразна и се пренесува само при долг и близок контакт, најчесто во рамки на домаќинство. Првите симптоми се кожни промени и губење на осет, а без лекување може да доведе до компликации. Слични изолирани случаи неодамна се појавија и во Романија, но здравствените власти во регионот уверуваат дека нема простор за паника.
Две масерки во Романија заболени од лепра
Романија во петокот соопшти дека открила две масерки заболени од лепра во спа-центар во северозападниот град Клуж, што се првите потврдени случаи на оваа болест во земјата по повеќе од 40 години, објави „Ројтерс“.
Министерството за здравство додаде дека уште двајца се тестираат, а двата потврдени случаи – две државјанки на Индонезија на возраст од 21 и 25 години – се веќе на лекување.
Министерот за здравство, Александру Рогобете, изјави дека корисниците на спа-центарот не треба да бидат загрижени бидејќи за пренос на болеста е потребна долготрајна изложеност.
Според Рогобете, една од пациентките неодамна се вратила од Азија, каде што поминала еден месец со својата мајка, која во моментов е хоспитализирана со истата болест.
Здравствените власти соопштија дека спа-центарот бил затворен до завршување на истрагата.
Последниот потврден случај на лепра во Романија бил регистриран пред 44 години, наведува Министерството за здравство.


