Фото: KF Arsimi

Арсими ја оправда фаворитската улога против Шкупи

Екипата на Арсими денеска оствари рутинска победа против Шкупи во Гостивар, освојувајќи три нови бода по триумфот од 5:1 во Првата македонска лига. Домашните фудбалери беа доминантни во текот на целиот натпревар, а петте гола во мрежата на гостите се вистински одраз на случувањата на теренот.

Уште во првата посериозна акција, Арсими изнуди пенал по прекршокот на Јакуп Семиху врз Албин Рамадани во казнениот простор. Сигурен реализатор од белата точка беше токму Рамадани, кој во 15 минута донесе водство од 1:0.

Домашните продолжија со нападите, а по пропуштените шанси на Селмани и Рамадани, како и силниот удар на Абдули, кој беше одбранет од голманот Муслиу, притисокот вроди со плод во 39 минута. По асистенција на Селмани, Реџепи прецизно погоди од непосредна близина за 2:0.

Второто полувреме започна со обид на Селмани, но Шкупи беше тимот кој прв постигна гол во овој дел. По една мешаница во шеснаесетникот на домашните, Нијази Нухиа успеа да ја намали предноста на 2:1.

Сепак, тоа беше сè што гостите успеаја да направат. Во 68 минута, Ремзифаик Селмани зголеми на 3:1, казнувајќи ја лошата реакција на дефанзивецот на Шкупи, Рифадов.

Финишот му припадна на Флорент Османи, кој во 72 минута го постигна својот прв гол во Првата лига за 4:1, а само четири минути подоцна (76’), по асистенција на Абдули, ги постави конечните 5:1 со својот втор погодок на натпреварот. До крајот на средбата, голманот на гостите, Сефер Муслиу, со неколку интервенции спречи уште поубедлив пораз.

Во 30 коло од шампионатот, Арсими му гостува на Тиквеш, додека Шкупи ќе се соочи со Македонија Ѓ.П.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот