Платите во Македонија – Шовинистички (ВИДЕО)

Фото: Слободен печат

Жените работат главно на пониско платените и високо трудоинтензивни работни позиции во Македонија, во текстилната индустрија, во образованието, во здравството. Мажите, пак, работат на повисоки позиции што се повеќе платени, вели Марија Ристевска од Центарот за истражување и креирање политики. Од таму и произлегува јазот помеѓу платите на мажите и жените кој во државата изнесува помеѓу 18 и 19 отсто според истражувањата на Меѓународната организација на трудот.

Според Државниот завод за статистика, разликата во заработувачките помеѓу половите расте од година во година, па така, во 2010 година таа разлика била 6,6 отсто, а во 2014 – 13,6 отсто.

Во јавниот сектор има повеќе вработено мажи, па поради тоа, јазот помеѓу платите е во корист на жените. Исто така, жените, иако се помалубројни во јавниот сектор, тие според истражувањето на Центарот за истражување и правење политика, се на повисоки позиции од мажите.

Овие проценти се всушност неприлагоден јаз, односно пресметана е разликата помеѓу просечната плата на мажите во државата и жените и притоа се утврдила разлика од 18 отсто. Во неприлагодениот јаз не се земаат предвид образованието, секторот или позицијата.

За откривање на дискриминација во платите по основ на пол потребно е на иста позиција да се вработат маж и жена со различна плата, што во пракса се многу ретки случаеви.

Според генералната секретарка на Синдикатот за индустрија енергетика и рударство Марија Анчева, почеста е индиректната дискриминација, стереотипите на улогата на жените во семејството и општеството.

– Обврската на жената да пронајде компромис помеѓу семејниот и професионалниот живот. Да се откаже од подолги работни часови, можеби дури и да се откаже од напредување во кариерата поради остварување на биолошката и семејната улога – објаснува Анчева.

Таа додава дека во 2014 година, Македонија, во однос на регионот, во јазот на платите помеѓу мажите и жените, била само позади Словенија.

Во Обединетите Нации донесена е Конвенција за еднакви плаќања помеѓу мажите и жените уште од 1951 година, по Втората Светска Војна. Во војната, додека мажите биле на фронтовите, жените ги замениле мажите во фабриките. Македонија е потписничка на оваа Конвенција.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот