Планинарскиот клуб „Љуботен“ слави 100 години со документарен филм

Првпат македонската јавност ќе може да види филм за планинарски клуб, сторија за еден век љубов кон Шара, храброст и заедништво. Сто години истрајност, љубов кон планината и заедништво, преточени во филм

Планинарскиот клуб „Љуботен“ од Тетово, најстариот планинарски клуб во Македонија, годинава одбележува еден век постоење со документарен филм кој првпат во земјава го прикажува животот, предизвиците и подвизите на едно планинарско друштво.

Документарецот го следи развојот на клубот од неговото основање во 1925 година, преку изградбата на домовите на Шар Планина, до денешните генерации кои ја продолжуваат традицијата. Филмот е изграден врз лични сведоштва на активни членови, архивски снимки и современи кадри и прикажува еден век на љубов кон планината, истрајност, пријателство и посветеност кон заедницата.

Дел од документарниот филм за 100 години постоење на ПК „Љуботен“ премиерно ќе биде прикажан на Свечената Академија на 15 ноември.

– Ова е редок настан кој се случува во Македонија, значаен за планинарството, планинскиот туризам, градот Тетово и целата држава. Кога ќе се застане на врвот и ќе се почувствува тишината на планината, сфаќаш дека ова не е само клуб. Ова е семејство, ова е љубов што трае 100 години – вели Јован Божиновски, претседател на клубот

Од идеја до симбол на планинарството

На 23 март 1925 година, група визионери од Тетово, предводени од шумарскиот инженер Орестије Крстиќ, го формираат тогашното Планинарско-туристичко друштво „Љуботен“. Првите децении биле скромни, но полни со ентузијазам. Веќе во 1931 и 1934 година биле изградени првите планинарски домови во Македонија.

– Ако го земеме фактот дека само шест години по формирањето, на Љуботен и Попова Шапка никнуваат домови, ќе сфатиме дека тие луѓе имале визија и свест за тоа што значи планинарството – не само како спорт, туку како култура и заедништво – објаснува Божиновски.

Во педесеттите години клубот броел и по 950 членови. Од тогашните ентузијасти произлегле генерации што ги поставиле темелите на современото планинарство во земјата.

Хроника на вековна страст кон планината

Филмот ја раскажува историјата низ пет епохи, од првите патеки по Шар Планина, скијачките подвизи пред Втората светска војна, па сè до новото доба на дигитални мапи и апликации.

Снимањата се реализирани на повеќе локации, во Тетово, Попова Шапка, Љуботен, Лешница, Маврово и Тетовско Кале, со што публиката добива целосна и жива слика за тоа како клубот растел, се менувал и преживувал низ општествени и историски турбуленции.

– Нашите успеси не се само во искачените врвови, туку во луѓето кои ја носат љубовта кон планината во срцето. Традиционалното искачување на Титов Врв, кое го организираме 43 години по ред, секогаш обединува стотици планинари од Балканот и Европа. Тоа е нашата гордост – симбол на пријателство и единство – додава Божиновски.

Од Шара до Килиманџаро, дух без граници

Во документарецот се појавуваат и ретки архивски фотографии и видеа од искачувања на членовите на клубот на врвови како Килиманџаро (1988), Алпи (2019 и 2025). Клубот денес брои околу 150 активни членови, меѓу кои и осум професионални водичи со меѓународна ИМЛ-лиценца.

– Секој кој има љубов кон природата може да биде планинар. Но планинарството бара учење, дисциплина и почит кон планината. Тоа е активен одмор, но и духовен раст – вели Божиновски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот