Писмо од Виолета Чаповска: Париз е рај за секој уметник
Македонската уметница што живее и работи во Австралија, Виолета Чаповска, во изминатите два месеца престојуваше во македонското ателје во „Градот на уметноста“ во Париз, а оттаму испрати писмо до „Културен печат“.
Препорачано
– Од почетокот на февруари до крајот на март престојував во македонското студио во „Cité internationale des arts“ во Париз. „Ситето“ е уникатно место за уметници во резиденција од цел свет и нуди престој од два до 12 месеци. Ситуирано во срцето на Париз, во областа Мареј, располага со повеќе од 300 студија. Во текот на двомесечниот престој имав шанса да се запознаам со низа уметници од целиот свет, кои работат во различни дисциплини: визуелна уметност, музика, филм, литература, дизајн итн.
Дијалогот и размената на искуства меѓу уметниците и кураторите е навистина едно од највредните аспекти на мојот престој во „Ситето“. Исто така, имав шанса да работам и во графичката работилница и да експериментирам на мала серија линорези отпечатени на платно и хартија. Париз претставува неисцрпен извор на инспирација со својата архитектура и историја, богатство на музеи и галерии, своевиден рај за секој уметник.
Еден од главните проекти на кој работев, со работен наслов „Сена“, ја истражува историјата на островот Сент Луис, еден од двата природни острови во реката Сена. Се состоеше од сајт специфичен перформанс на Кејот Бурбон, кој се наоѓа помеѓу мостот Луи Филип и Мари веднаш спротивно од „Ситето“.

Тоа место го одбрав за работа затоа што беше многу тивко и секогаш во сенка, и поради тоа немаше многу посетители. Имаше некоја необична атмосфера на приватност и изолираност, што е многу тешко да се најде во еден популарен град како Париз. Во проектот користев најдени и стари материјали што ги пронајдов на пазарите во Париз.

Во среда, на 23 март, имав можност да го презентирам овој проект заедно со видеото „Сол“ од третиот Ленд-принт проект на Малото езеро, во рамките на Отворени студија во „Ситето“. Видеата „Сена“ (2022) и „Сол“ (2019) беа проектирани во два различни двора на „Ситето“, на излупени ѕидови на постарите згради од 19-ти век.
Во овој проект, како и последниот видеопроект на Малото Езеро соработував со Исток Чаповски (видео и фотографија), а музиката е компонирана од Горазд Чаповски.
Виолета Чаповска
Париз, 24/3/2022
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 122, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 26-27 март 2022)


