Игор Анѓелков / Фотографија: Маја Аргакијева

Петтиот роман на Игор Анѓелков во издание на „Или-или“ е со наслов „Ветрилиште“

Новиот роман „Ветрилиште“ од Игор Анѓелков во издание на „Или-или“ излезе од печат на 5 ноември. Со новата книжевна објава авторот прославува неколку јубилеи: десеттата издадена книга, петтиот роман, книжевно полнолетство (осумнаесет години од објавувањето на дебитантската збирка раскази „Кротки приказни“), и сето тоа на неговиот педесетти роденден.

– Петтиот роман на Игор Анѓелков, неговата десетта книга, и покрај бруталната искреност и соголувањето и на текстот и на авторот, успева да ја зачува потентната „недореченост“ како внимателно одбран крај. Но, тоа е тоа што текстот и го заслужува и го бара од финишот.

Романизирајќи го сето она што сите го помислуваме или го премолчуваме, Анѓелков останува доследно недоследен, свој, автентичен, изграден и неодминлив романсиер во современата македонска книжевност од последните, речиси, две децении. Оксиморонот „доследно недоследен“ совршено го надополнува „издвојувањето на несекојдневното за да се исцрта што пореално токму секојдневното“ како негово творечко кредо.

На читателите им останува да решат дали (не)добивањето награди ќе го сфатат како секојдневна или како несекојдневна практика во домашниот културен контекст. И, што е уште поинтригантно, прашањето што останува да лебди над „Ветрилиште“, но и над сите нас, е дали и што можат да променат наградите кога доаѓаат или кога не доаѓаат? Дали ним им е понеопходна книжевноста отколку што тие ѝ се неопходни нејзе? – нагласува еминентната писателка и критичарка Оливера Ќорвезироска во поговорот во книгата.

Игор Анѓелков / Насловна корица на романот / колаж

Игор Анѓелков досега ги објавил следните дела: „Кротки приказни“ (раскази, 2006), „Крај-пат“ (роман, 2010), „Фото синтеза“ (роман, 2013), „Филм.мкд“ (филмска есеистика, 2015), „Филмски град“ (филмска есеистика, 2018), „Шрапнел“ (роман, 2020), „Филмотопија“ (филмска есеистика, 2022), „Двојна експозиција“ (раскази, 2022), „Мина“ (роман, 2023).

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 255, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 9-10.11.2024)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот