Петровска: Инвестираме во одбраната и отвораме можности за домашните компании на НАТО пазарот

Славјанка Петровска, 100 дена Влада/ Фото Министерство за одбрана

Министерката за одбрана Славјанка Петровска денеска на форумот „100 дена Влада”, одговорајќи на прашање од публиката, што значи членството на Северна Македонија во НАТО Алијансата во овие несигурни времиња, порача дека одговорот е јасен и видлив – НАТО значи безбедност и стабилност, НАТО значи можност за развој на домашната економија и дополнителен развој на капацитетите на нашата Армија.

„НАТО значи безбедност и стабилност, за државата, за граѓаните и за сите субјекти во државата. На 24 февруари кога се случи руската агресија врз Украина, сите го поставивме прашањето дали сме безбедни. Одговорот е – да, безбедни сме затоа што во НАТО важи правилото ако една земја е нападната, тоа значи дека сите се нападнати. Во НАТО важи правилото на сојузништво и на единство. Оваа агресија практично тоа и го покажа, дека НАТО алијансата стана уште поцврста и уште постабилна”, подвлече министерката Петровска.

Министерката додаде дека членството во НАТО не значи слушање на одлуки, туку директно учество во донесувањето на тие одлуки, рамноправно со останатите 29 сојузници и порача дека Северна Македонија е кредибилен сојузник кој служи како позитивен пример за регионална безбедност и стабилност, што уште повеќе ја зголемува потребата за итен и неодложен старт на преговори за членство во Европската Унија.

„Воената криза во која се наоѓа Украина и рестрикциите кои ги има врз регионот покажуваат дека не може да имаме стабилна Европа ако немаме целосно интегриран Западен Балкан. Нашето однесување во НАТО Алијансата покажува дека сме кредибилен сојузник, a тоа уште повеќе ја зголемува потребата што поскоро да ги започнеме преговорите со ЕУ и се разбира да станеме земја членка на Унијата затоа што на тој начин го заокружуваме процесот на интеграција на нашата држава”, рече министерката.

Петровска издвои неколку значајни придобивки кои се поврзани со нашето членство во Алијансата, првенствено фокусирајќи се на сигурноста за инвестиции во Северна Македонија, на можностите за развој на домашната економија учествувајќи на НАТО пазарите, како и придобивките во однос на развојот на капацитетите на Армијата.

„НАТО значи сигурност и за странските компании кои сакаат да инвестираат во нашата држава. НАТО членството гарантира дека сме држава која ги исполнила условите и од политички, но и од безбедносен аспект. Второ тоа значи можност и за нашите компании. Она на што во изминативе 100 дена бевме посветени и ќе останеме посветени е зајакнување на капацитетите на Центарот за поддршка на домашните компании кои сакаат да настапат на НАТО пазарите”, рече Петровска.

Таа порача дека Министерството е во координација со економските ресори, а отворена е и можноста за соработка со стопанските комори во државата.

Во контекст на развојот на Армијата, министерката Петровска го истакна неодамна завршеното оценување на Лесниот пешадиски баталјон на Армијата кој е и „борбено способен во извршувањето на своите задачи”, согласно најстрогите НАТО стандарди, а се осврна и на веќе започнатата модернизација.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот