Петар Колев распали на социјалните медиуми: Гарванлиев, можат само да ти се фатат!

Поддршка за годинашниот македонски претставник на Евровизија, Васил Гарванлиев, стигна од лидерот на партијата ГДОМ, Петар Колев. Неговиот фејсбук-статус со наслов „Гарванлиев, можат само да ти се фатат“ ви го пренесуваме во целост:

Во изминатите години Македонија имаше претставници на Евровизија од речиси сите етнички заедници во земјата и тоа не претставуваше никаков општествен предизвик. Калиопи – Влаинка, Тијана Дапчевиќ – граѓанин на Србија, Адријан Гаџа- Албанец, великанот Есма Реџепова- Ромка и ред други.

Денеска, претставник на Македонија е Васил Гарванлиев, човек со богата автобиографија и сериозна музичка кариера, кое по правило би следело да е повод за гордост, но искреноста и чесноста во нашата држава за жал се повод за омраза и навреди.

Најпрво се возбудија „душегрижниците” на македонскиот патриотизам од кадар во спотот, кој е всушност уметничко дело, кадар избран од режисерот на самиот видео клип, но тоа воопшто не се укажа како бариера за нивната злоба и искомплексираност.

Истовремено би додал еден едноставен факт, повод за длабоко размислување, присутен во редица промотивни или музички спотови, но и во секојдневието на истите „душегрижници” како што е албанското знаме, поставено на редица институции, јавни места и обележја, но тоа не им пречи во постапката за вработување или градење на кариера дел од истите „душегрижници” или нивни блиски и роднини да се самоопределат за Албанци, Турци или други.

Се укажа „фатална” грешка за Гарванлиев да ја каже вистината за потеклото на неговата баба и за неговото бугарско државјанство, кое за жал предизвика низа од реакции.

Во нашето општество вистината и искреноста е повод за омраза, а лагата, манипулацијата и криењето се издигнати на ниво на култ.

Огромен дел од разјарените и силно вознемирени „патриоти”, нивни блиски или роднини се државјани и на други земји, вклучително и на Бугарија. Тој факт многу „патриотски” го кријат, за него манипулираат и лажат, но тоа не претставува повод да се засрамат, точно обратно, стануваат агресивно вулгарни и арогантни.

Сѐ уште го паметам оној велемајсторски гол од корнер против Англија на легендарниот Артим Шаќири, од тогаш многу Англичани научија за Македонија.

Искрено се надевам, Васил да е тој „играч”, кој на оваа Евровизија ќе постигне таков погодок кој уште долги години ќе биде повод за наша гордост, но и причина целиот свет да слушне и види нешто квалитетно и достојно од Македонија.

Гарванлиев, можат само да ти се фатат, не си ти виновен за тоа што дел од нашето општество е полно со комплекси, никогаш во животот опера не слушнале, театарот им е мисловна именка, а огромен дел од нашите сограѓани најголемото дело кое го прочитале е Зоки Поки, не бидејќи сакале, а затоа што ги натерале од училиште во прво одделение.

Ти почитуван Васил, ќе продолжиш да ја радуваш публиката во Париз, Милано, Виена и цел свет, а ние кои не те заслужуваме за жал, еден ден ќе се гордееме со твоите успеси и ќе се фалиме дека сме од Македонија, знаете оној Васил Гарванлиев, баритонот од Струмица…
Омразата ќе ја прегази уметноста, но и човечноста!“, стои во објавата на Колев.

ВИДЕО: Македонскиот претставник на Евровизија Васил Гарванлиев вели дека има и бугарски пасош

ВИДЕО | Гарванлиев со емотивно извинување до јавноста: Еве ме пред вас, без глума, со срушени ѕидови на моето срце во вашите раце

Ексклузивно за Слободен печат – Васил Гарванлиев: Некој очигледно сака да прави скандали без потреба

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот