Пет американски војници украле 200.000 долари наменети за борба против тероризмот во Авганистан
Поранешниот наредник Чембрлејн (46) се изјасни како виновен за завера и примање на украден државен имот во сојузниот суд во Северна Каролина, по долгогодишно отфрлање на вината.
Поранешниот американски војник Вилијам Чембрлејн, припадник на специјалните сили на САД, призна дека планирал да изврши завера за да украде 200.000 американски долари. Тој оваа измама ја испланирал со уште четири лица, пренесува српски „Б92“.
Препорачано
Парите биле наменети за борбата против тероризмот во Авганистан, а на Чембрлејн сега му се заканува затворска казна до 15 години, соопштија федералните обвинители.
Поранешниот наредник Чембрлејн (46) се изјасни како виновен за завера и примање на украден државен имот во сојузниот суд во Северна Каролина, по долгогодишно отфрлање на вината, соопштија обвинителите, а пренесе „Ројтерс“.
Останатите четири војници, кои како Чембрлејн биле припадници на третата Група на специјални сили во Форт Браг во Северна Каролина и служеле во Авганистан, ја признале вината уште во 2014 година, додека Чембрлејн планирал да се брани на судењето.
Петмината војници се обвинети за кражба на 200.000 долари во периодот меѓу јули 2009 година и јануари 2010 година, додека заедно биле распоредени во Авганистан.
Тие имале пристап до фондовите за специјални сили за поддршка на противтерористички операции, пари за купување на залихи и поддржување на хуманитарни проекти за изградба на патишта, училишта и медицински амбуланти, наведоа обвинителите.
Војниците украдените пари ги претворале во поштенски налози купени во воените пошти во Авганистан, испраќале пари во готово на свои роднини по пошта или ги носеле парите кога се враќале дома, известија обвинителите.
Кога првпат им се обратила полицијата, тие лажно тврделе дека парите ги добиле на игри на среќа или ги донеле таму од САД.


