Насловна корица на книгата / Енда Волш / Фотографија: Елена Терноваја

„Перун Артис“ објави драми од современиот ирски драматичар Енда Волш

Во издание на „Перун Артис“ од Битола излезе од печат изборот драми на современиот ирски драматичар Енда Волш под наслов „Диско свињи и други драми“ каде што се поместени драмите: култната „Диско свињи“; „Пенелопа“, едно современо видување на митот за верната Пенелопа и несреќата на нејзините просци; и „Лек“, една од неговите најнови драми посветена на траумата од ковид-пандемијата.

Енда Волш во својата „Пенелопа“ напиша: „Градови исчезнуваат во предели, а потоа во море, а морето во нови земји, и луѓето добиваат живот каде можноста, каде слободата оживува преку едноставноста на будењето, седнувањето во кревет и просто, постоењето во светот. Можеш ли да го замислиш тој живот?“

Говорејќи со јазикот на погубноста и безидејноста, Енда Волш нѐ потсетува на она што, всушност, на уште поостар начин нѐ потсетуваше половина век пред него неговиот сонародник Семјуел Бекет, а тоа е: смртта како конечна дестинација за сите што нема да ја сфатат безочната вртоглавица на современите движења на цивилизацијата која веќе залудно со векови го најавува своето скончание.

Енда Волш е драматург и сценарист кој се прослави кога ги освои наградата „Џорџ Девајн“ и наградата „Стјуарт Паркер“ во 1997 година со својата драма „Диско свињи“. Во 2007 и 2008 година Енда ги освои наградите „Фринџ“ на два последователни фестивали во Единбург за своите драми „Волворт фарса“ и „Новата електрична балска сала“. Првата го наведе „Гардијан“ да го нарече „еден од најблескавите мајстори на зборот во современиот театар“.

Во 2011 година „Еднаш“, адаптацијата на Енда на филмот на Џон Карни, беше поставена на оф-Бродвеј. По одличниот прием од критиката, во 2012 година се пресели на Бродвеј, каде што освои осум награди „Тони“, вклучувајќи ја и наградата за најдобра драматизација за Енда Волш.

Тој работеше и на мјузиклот „Лазарус“ со Дејвид Боуви, кој премиерно беше изведен во „Њујорк театар воркшоп“ во декември 2015 година, а потоа се пресели во театарот „Кингс Крос“ во Лондон во ноември 2016 година. Изданието на неговите драми на македонски јазик е поддржано од Ирската фондација за книжевност, а преводот на драмите од англиски јазик е на Билјана Китановска.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 333, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 23-25.5.2026)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот