„Перипетија продукција“ реализираше театарски хибриден колаж

На театарскиот фестивал „Квартиере дел арте“ во Витербо (Италија), на 8 ноември премиерно беше прикажан првиот дел од серијата кратки перформанси во рамките на театарскиот колаж „Амор Вичит“, работен според две микродрами на италијанските автори Фабио Марсон и Рикардо Табилио.

Проектот го обработува животот и делото на италијанскиот барокен сликар Чеко дел Караваџо, кој се смета за еден од најзначајните ученици од школата на Караваџо. Малку е познато за неговиот живот, а главна инспирација за проектот е податокот дека во 1613 година престојувал во селото Бањаја, недалеку од Витербо, каде што се претпоставува дека ја насликал својата една и единствена фреска.

Поради околностите наметнати од пандемијата и неможноста за учество во живо, проектот е реализиран во хибридна форма. „Перипетија продукција“ во соработка со „Ехо Анимато“, во периодот од 29 октомври до 3 ноември во Белград, подготви видео и аудио материјали кои се имплементирани во претставата.

Во меѓународната театарска копродукција учествуваат актерите Дарја Ризова и Александар Михајловски, како и режисерката Нина Николиќ, а целокупниот авторски тим вклучува автори од Италија, Србија, Северна Македонија, Босна и Херцеговина и Албанија. Проектот е поддржан од Министерството за култура на РСМ.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 105, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 13-14 ноември 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот