Перформативното молчење и фашистичкиот говор

фрчкоски
Љубомир Фрчкоски / Фото: Архива на „Слободен печат“

Држејќи го затворен Македонецот/ката, овој говор спаѓа во дефиницијата фашистички. Не е важно дали го промовираат групи и лица што себе се нарекувале левичари. Тој говор е опасно перформативен во масите создавајќи слика на жртвата лишена од одговорност кон себе, пред сѐ, барајќи постојано „жртвени јарци“ за сопствените порази.

Ќе ви предложам, драги мои, да користиме две алатки за осветлување на јазичниот спор (не оној меѓу Македонија и Бугарија), туку оној онтолошкиот и онтичкиот за перформативноста на јазикот и за деградација на нацијата што произлегува од разорување на нејзиниот јазик со фашистичкиот говор.

Првата е лакановската дефиниција за субјектот и неговиот идентитет, кој станува индивидуа преку недовршената и недовршливата симболизација во јазикот и во симболичкиот поредок (заедницата), секогаш недовршен идентитет и сепство, секогаш и повторно отворен за контекстните политички говори и субјективизации. Субјектот како сингуларитет чии разлики и разликување се отсекогаш важни и се важат. Субјект и идентитет без есенцијалистички фундирачки основи. Субјект што се самофундира. Ова ќе го засилиме со тезите на Фуко за субјектот како производ на мрежите на моќта. Ова секако важи за секој субјект и за сите колективни идентитети.

Втората алатка е онаа за перформативноста на јазикот. Секоја употреба на јазикот е перформативна и секој негов гест нѐ пресоздава (Дерида) – внатрешно, социјално или и двете заедно. Јазикот во таа смисла никогаш не е невин (Р. Барт). Кога ќе се разори човековиот јазик, кога ќе се замени со фашистички говор, човекот не станува животно од оние романтизирани слики на Русо за природната состојба на невина рајска преегзистенција, туку станува корумпиран човек. Под јазичното ниво на човекот не е животинското туку демонското ниво, нечовечкото каде демнат демоните, она кое Макс Штирнер го нарекува ум-мен, не-човек.

Кога се употребува терминот фашистички говор, се мисли сумарно на оние употреби на јазикот кога се потира неговата сосировска дефиниција како систем на означувања преку разликување и јазикот се сведува на слободна асоцијација на флоскули на стравот, на идеолошките слики што немаат разумна кохерентност туку црпат „означувачка“ сила и функционираат како емотивни стимули што манипулираат со стравот под кожата на луѓето. Тој говор се карактеризира со спектакуларност на лесни разоткривања „вистини“ (кои биле намерно затскриени од народот од либералните и од интелектуалните елити). Создава перверзно задоволство кај публиката од можноста за когнитивно затворање (cognitive closure) или контрола преку создавање илузија на „јасност“ за состојбите на работите и причините за стравот како и за лесните начини за ослободување од него.

Тој говор секогаш се заснова на фантазмот на фиксните идентитети и „присилата на јасност“ каде што онтолошките тврдини на вечно разделените традиции и затворени култури ги третираат „обичните луѓе“ како културолошко хомогено групирање со интереси спротивставени на другите, од кои демне лажна закана и опасност од инвазија и исчезнување. Со еден збор, за надворешноста како хаос и фантазам за нацијата како опколена тврдина со органистичка структура. Сите варијанти на оваа флоскула се можни, но функционираат суштествено исто.

Внатрешната динамика на ова во основа статично сликање на нацијата и на нејзината заробена стварност се создава со т.н. „историски борби и мисии“ на нацијата жртва. Со креирање постојани манифести (еманципирачки или националнообединувачки, сеедно) на историски моменти и предизвици на кои мора да се одговори. Ако нема такви, се создаваат. Ако ги има, погрешно се проценуваат.

На таквиот говор не му пречи неконзистентноста и некомпетентноста на говорниците која понекогаш е епохална, ниту нивните лаги кои се дрски и очебијни – на неговата ефикасност од тоа нема да ѝ фали ништо. Тој ја лови исплашената заскитана душа на Македонецот (во овој случај). „Говорот во кој се вљубуваме е оној во кој слушаме она што сме го знаеле“. Овој цитат на Винсент Де Коб е сличен со цитатите од Алтисер, Лакло или Жижек кога велат за идеологијата дека е говор во кој гледачот/слушачот гледа и слуша она што сака да го види и чуе и дека (порадикално) тоа е единствениот начин да ѝ се пристапи на реалноста. Имено, низ тие идеолошки очила (никогаш директно).

Во таа смисла нашата ситуација е катастрофална, но можеби не и сериозна. Кај нас трагите од фашистичкиот говор го држат Македонецот/ката затворен во кафезот на борбата за докажување дека постои – вечно и за вечни времиња. Тој е Македонец ако секогаш е недопризнаен и ако се бори да го признаат. Парадоксот е дека овој говор треба да исчезне, ако во еден момент сите го признаат Македонецот? Но, овој еманципаторски лимес се одлага до бескрај, имено сѐ е сомнително, секое признавање крие заткулисен заговор на скриена закана и непризнавање и така до бескрај, во лоша бесконечност. Во меѓувреме Македонецот/ката е свој на своето, дремејќи во, клоака магна, како што ја нарекувале Римјаните,  во која е соодветно топло од температурата на ферментирање на отпадот. Тој чита на екранот од манифестите за еманципирачката опција на македонизмот дека тоа е новиот момент во историската борба, дека само таму и таков тој е Македонец – потрошен идеал на авторитарната традиционалистичка десница.

Држејќи го затворен Македонецот/ката, овој говор спаѓа во дефиницијата фашистички. Не е важно дали го промовираат групи и лица што себе се нарекувале левичари. Тој говор е опасно перформативен во масите создавајќи слика на жртвата лишена од одговорност кон себе, пред сѐ, барајќи постојано „жртвени јарци“ за сопствените порази. Исклучително емотивен, тој ја заробува стварноста во симулакрум. Наместо да ги „музеизира“ комитите и борбата, тој ја музеизира стварноста и историјата ја претвора во вечна сегашност. За овој говор времето стои и на нацијата жртва (македонската) сѐ ѝ е дозволено. Нејзиниот говор и крик не може да станат поробувачки, фашистички, но парадоксално тој токму тоа станува кон самите Македонци/ки под нивните забревтани пера.

Зошто, сепак, не е сериозна ситуацијата? Проминентите на таа опција се со ниско туражно ниво и независно од забревтаноста, не знаат што прават. Треба да им се спротивстави сартровски скандал и идеолошка борба! Треба да се повлечат во провалијата на слободата и самодефинирањето, во светот без фундаменти, како оној на ризомите кај Делез и Реалното на Лакан (ова посебно ме развесели). Геро и Милчин, соочени со Реалното на Лакан, нивните тела и чела осветлени со chiaroscuro (игри на светлината) на Караваџо во хаосот пред да настане космосот на Емпедокле и парчињата тела што скитаат. Во перспективата на Македонците, Бугарите, Грците и на сите други – без фундирачки, есенцијалистички гачки.

На фашистичкиот говор може да се спротивставaт, да се конструираат, точки на отпор од различни позиции. Една е онаа на Лорен Берлан (Lauren Berlant ) со т.н. перформативна тишина. Тој гест, говор, е организиран како тишина што избира да нема политички пораки и која произлегува од падот, неуспехот на досегашниот предоминантен политички говор што се открива како „суров оптимизам“. Но таа тишина го потврдува капиталот – емотивен и културен на публиката престорена во амбиентално граѓанство и создава сензуален простор на заедништвото.

Овој јазик го користи и Јан Чемберс кога вели дека е потребно да се спротивставиме со негување политика на слушање, наслушување на другата страна на автономните приказни. Да ја научиме способноста „да се изгубиме себеси“, потонувајќи во момент на тишина и наслушување кон средбата со другиот, со единственото негово лице, препознавајќи го вознемирувачкото чувство за присуството на другиот во твоето и во мојата способност да се осознаам себеси.

Втора позиција е онаа на активизмот на новиот анархизам или на новиот либерализам – кога говорот е идеологизиран намерно (во нашиов случај со идеограмот на еманципираниот Македонец/ка), полн со емоции и јазик на комуникација преку разликите и поделбите врз налогот на правдата (Дерида).

Тоа е јазик што ја изразува недовршената идентитетска приказна на секоја културна заедница, па и на македонската. Тој не е надвор од јазичниот дискурс на македонскиот дел од пеколот, туку го преместува, поместува, го изместува неговото значење однатре (радикална надворешност – која се појавува однатре) кон идентитети што не се израз на историјата и на стварноста (есенцијалистички идентитети што се фантазија) кон идентитети што ја менуваат стварноста признавајќи дека се недовршени и отворени, засновани на недовршеноста, некомплетноста (Лакановиот LACK, присуството на Реалното кое не може да се симболизира, но ја разорува можноста за затворање на стварноста), врз антагонизмите на политиката како контекст и без метафизички фундамент (обратното: затворање во комплетни, заокружени идентитети е невозможно и основа за фашистички говор и авторитарна репресија).

Тој јазик е борбен и факторизиран, јасно спротивен на досегашниот ползечки либерализам и на неговата умислена неутралност која аристократски пропаѓа. Тој јазик е искован во борба кон некаква вистина создавана во процес и во потрага по институции кои ќе стојат зад него и неговите факти. Тој јазик е проткаен со живи мисли кои се чувствителни површини, изгребани кожи, мрачни набори и ја чинат еротиката на мислата која е непредвидлива. Тој негува култура на нежност-пристојност, солидарност и фрагилност, а таа е основа на идентитетот кој е без метафизички основи, но жилав и силен идентитет на Македонецот/ката подготвен за преживување во плурална демократија и во отворено општество.

 

Извор: Либертас

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот