Џулијан Мур во Париз, декември 2024 г. / Фото: EPA-EFE/TERESA SUAREZ

Пентагон забранил книга на актерката Џулијан Мур, децата на војниците нема да учат за различностите

Џулијан Мур, американска холивудска актерка, тврди дека Пентагон ја забранил нејзината илустрирана книга за деца во која се говори за различностите.

Министерството за одбрана ја отстранила книгата „Јаготка со пеги“ (Freckleface Strawberry) за употреба во образовните установи под надлежност на Министерството за одбрана на САД, глобална мрежа од 160 училишта каде учат деца на воениот кадар на САД.

Корицата на повлечената книга на Џулијан Мур / фото: Фејсбук

– Бев шокирана кога дознав дека администрацијата на Трамп ја забранила мојата прва книга „Јаготка со пеги“ во училиштата на Министерството за одбрана. Книгата е полуавтобиографска приказна за седумгодишно девојче кое не ги сака своите пеги, но на крајот учи да живее со нив кога сфаќа дека е посебна – исто како и сите други… Не можам да запрам да се прашувам што е толку спорно во оваа илустрирана книга за да биде забранета од американската влада. Длабоко сум разочарана, никогаш не би можела да замислам дека вакво нешто може да се случи во земја каде што слободата на говорот и изразувањето е загарантирано уставно право“, напиша Мур на „Инстаграм“.

Новата администрација на Доналд Трамп врши огромни напори за укинување на таканаречената политика на разновидност, еднаквост и инклузивност (ДЕИ) во американската влада, спроведувана од претходната администрација на Џо Бајден, со обвинување дека таквата политика била дискриминаторска. Трамп од некоја причина верува дека практиките на инклузивност ги нарушуваат граѓанските права. Администрацијата сега работи на идентификација и отпуштање на што е можно повеќе државни службеници кои работат на прашања поврзани со ДЕИ, пренесе Волстрит журнал.

Покрај тоа, како што пренесе Ен-Би-Си, десетици вработени во Министерството за образование на САД кои биле на обуки за инклузивност и разновидност на работното место, веќе добиле понуда да поднесат оставка со отпремнина или да се соочат со можност за отпуштање.

Во изминатиот период многу американски компании како Гугл, Делоит (една од „големите четири“ консултантски фирми), Волмарт (најголемата светска мрежа за трговија на големо и мало), Форд, Харли Дејвидсон и Трактор суплај, се откажаа од примена на ДЕИ на работното место.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот