Пендаровски-Ручи: Албанија е континуиран партнер во обезбедувањето европска перспектива на регионот

Фото: МИА

Претседателот на Македонија Стево Пендаровски денеска, во рамки на официјалната посета на Република Албанија, оствари средба со претседателот на албанското Собрание Грамоз Ручи, на која биле разменети мислења за севкупните односи меѓу Македонија и Албанија.

На средбата било изразено задоволство од позитивните случувања во однос на конструктивната соработка, демонстрираната посветеност за зајакнување и продлабочување на билатералните и добрососедските односи преку динамизиран и континуиран политички дијалог како на билатерално, така и на мултилатерално ниво.

Претседателот Пендаровски, како што информираат од неговиот кабинет, на сребата истакнал дека нашиот сосед, Република Албанија е континуиран партнер во обезбедувањето на просперитет, стабилност, безбедност и европска перспектива на регионот. Досегашната парламентарна соработка меѓу двете земји е конструктивна и интензивна, а за нејзино продлабочување потребно е интензивирање на контактите помеѓу парламентарните тела и комисии.

Двајцата соговорници оцениле дека двете земјите имаат идентични надворешно-политички цели во врска со регионалната соработка и европските интеграции, кои се значајни предуслови за стабилност и просперитет на регионот.

Заблагодарувајќи се за поддршката на Република Албанија за членство на нашата земја во НАТО, претседателот Пендаровски нагласил дека од голема важност е што двете земји една со друга се поддржуваат и во однос на  нивните аспирации за станување рамноправна членка на Европската унија. И покрај фактот дека нашите земји не добија датум за почеток на пристапните преговори на последниот Самит на ЕУ, според претседателот Пендаровски, треба да се продолжи со посветеноста кон остварување на нашите европски аспирации.

На средбата биле разгледани и можностите за продлабочување на билатералната соработка и можностите за унапредување на економските односи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот