Пендаровски ги налути, ДУИ со свој кандидат за претседател

Бујар Османи / Стево Пендаровски / Фото Слободен печат колаж

Откако шефот на државата Стево Пендаровски одби да го потпише указот за Законот за игри на среќа и за забавните игри, пропаѓа идејата за консензуален кандидат за шеф на државата

ДУИ дефинитивно ќе оди со свој кандидат за претседател на државата, и тоа најверојатно ќе биде потпретседателот и министер за надворешни работи Бујар Османи, брифира за „Слободен печат“ висок партиски функционер, откако собранискиот спикер Јован Митрески попладнево треба да ги распише двојните избори. ДУИ му сврте грб на владиниот партнер СДСМ за претседателските избори откако шефот на државата Стево Пендаровски одби да го потпише указот за Законот за игри на среќа и за забавните игри. Со ова пропаѓа идејата за консензуален кандидат за шеф на државата.

По пресвртот меѓу владините партнери, СДСМ и Пендаровски допрва ќе треба да пресечат дали повторно ќе трчаат заедно за втор претседателски мандат. Пендаровски најави дека во втората половина на февруари ќе обелодени дали ќе се кандидира, а неофицијално најверојатно прво ќе ја чека конвенцијата на ВМРО-ДПМНЕ на 2 март и потоа ќе го каже ставот.

Според функционерот од ДУИ, Пендаровски сам си ја затворил вратата за поддршка од „интегративците“ за претседателската кандидатура со непотпишувањето на указот за Законот. ДУИ не може да помине преку одлуката на Пендаровски, а со тоа СДСМ не може да се надева на консензуална поддршка од владиниот партнер. ДУИ се лути зашто, како што велат, поддршка за Законот, лично од Пендаровски, на тет-а-тет средба побарал Ахмети. Законот е многу битен за ДУИ, бидејќи е изборно ветување и на него работеле две и пол години.

И пред одлуката на Пендаровски да го врати законот повторно пред пратениците, речиси извесно беше дека ДУИ ќе оди со свој кандидат, откако албанскиот опозициски блок, сега засилен и со дел од Алијансата за Албанците на Арбен Таравари, одлучи да има свој кандидат за шеф на државата. Партиско решение за кандидат за шеф на државата кај ДУИ е очекуван потег ако се знае дека нивниот главен опонент, Европскиот сојуз за промени, за претседател ќе атакува со еден од партиските лидери – Таравари или Билал Касами од Беса. Според информации на „Слободен печат“, свој кандидат за претседател на државата размислува да номинира и Алијансата, предводена од Зијадин Села, за што ќе решат по партискиот конгрес в недела.

Бујар Османи пак, според објавите на Фејсбук, веќе на големо тера претседателска кампања. Тој вчера објави видео на кое на ученици им ги објаснува тајните на дипломатијата. Видеото е снимено во просториите на МНР, а меѓу учениците се и неговите син и ќерка. Османи по средбата ги испраќа децата на скалите од зградата на МНР со крената рака, како вистински претседател.

СДСМ допрва ќе треба да пресече дали ќе го номинира Пендаровски или ќе оди со партиско решение. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, неодамна изјави дека изборот за кандидат за шеф на државата е стеснет на тројца, а официјалната кандидатура ќе биде позната на 2 март. Според извори од ВМРО-ДПМНЕ, на сондажите и на анкетите уште највисоко котира пратеничката и екскандидатка за претседател Гордана Силјановска Давкова, по неа е универзитетскиот професор Александар Спасеновски, а трет на листата е пратеникот Антонијо Милошоски.

Првичните проценки беа дека ќе нема многу кандидати за престижната функција, бидејќи идеја на власта беше консензуалниот кандидат за шеф на државата, предложен од СДСМ, да биде поддржан од ДУИ и Алијанса за Албанците, но и од партиите на Аријанит Хоџа и на Скендер Реџепи. По расколот во Алијансата и најавата на ЕСП за свој кандидат, јасно е дека ќе има турканица од претседателски кандидатури. Ова ќе значи дека најмалку ќе има седум кандидатури за шеф на државата, и тоа од СДСМ и коалицијата, ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, од ДУИ, ЕСП и од Алијанса за Албанците на Села. Левица веќе обелодени дека ќе застане зад универзитетската професорка Билјана Ванковска. Номинации, но со поддршка од ВМРО-ДПМНЕ, најавија и лекарот Вело Марковски, универзитетскиот професор Јове Кекеновски, а свои кандидати најавија и ЗНАМ на Максим Димитриевски, како и ГРОМ на Стевчо Јакимовски.

Владините партнери уште не решиле дали на парламентарните избори ќе одат со заеднички листи. Од ДУИ велат дека иако нема одлука, сè помали се шансите за заеднички предизборен настап со СДСМ.
Седмите претседателски избори, според политичкиот договор, треба да се одржат на 24 април, додека на 8 мај ќе се одржат единаесеттите парламентарни избори, кои овој пат ќе бидат редовни. Вториот круг од претседателските избори, исто така, ќе биде на 8 мај.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот