Пелистер убедлив на гостувањето против ТФТ во битката за третото место
Кошаркарите на Пелистер денеска направија голем чекор кон освојување на третото место сезонава откако битолчани славеа на гостувањето против ТФТ со убедливи 109:87, во првиот натпревар од серијата на „малото финале“ во „МТЕЛ“ Супер лигата.
Препорачано
Пелистер одиграа перфектни 40 минути на офанзивен план, дојде до предност во раната фаза на мечот и заслужено стигнаа до победата.
Уште во првата четвртина стана јасно дека Пелистер е помотивиран на овој натпревар, избраниците на Даскаловски одиграа квалитетно од самиот почеток, со поените на Малешевиќ и на Крстевски имаа 21:12, а до крајот ја добија четвртината со 30:20, иако за момент имаа и 30:16 во своја полза.
Вториот период мина во израмнета борба, „пелистерци“ на одмор заминаа со водство од 57:48. За разлика од минатото кога им се случуваше пад на концентрација во вториот дел да ги чини пораз, овојпат кошаркарите на Пелистер одиграа максимално фокусирано, не дозволувајќи победата во ниту еден момент да биде доведена во прашање. Третата четвртина заврши со нивно водство од 84:71, за на крајот „пелистерци“ да слават со „плус 22“.
Прв стрелец на Пелистер беше Вилсон со 27 поени, Џенкинс имаше 26, додека Малешевиќ одигра импресивен меч со 24 поени, 10 скокови и седум асистенции. Кај поразениот состав Гордон се издвои со 21 поен, Ташовски имаше 16, а Зафиров и Самервил додадоа по 15 поени.
Вториот натпревар од оваа серија ќе се игра во Битола, каде евентуален триумф на Пелистер ќе значи и освојување на третото место за оваа натпреварувачка сезона.


