Фото: kfsm.mk

Пелистер со неуспешен старт во ФИБА Европа купот, Цедевита Јуниор славеше во Загреб

По премиерното „излегување“ во Европа, односно учеството на квалификацискиот турнир од ФИБА Лигата на шампионите, кошаркарите на Пелистер вечерва го продолжија европскиот пат со првиот натпревар од ФИБА Еврокупот. Календарот за натпреварување ги однесе „пелистерци“ во Загреб, Хрватска каде за противник ја имаа екипата на Цедевита јуниор. Загрепчани беа подобри, на крајот прославија и убедлив триумф од 94:76.

Битолчани не ја пронајдоа својата игра на гостувањето на кошаркарски славното место, Домот на великанот Дражен Петровиќ во Загреб. Од самиот почеток, домаќините воспоставија игра која повеќе им одговара, доста ефикасна, со добра распределба на реализациите. И би се рекло константна, што беше и една од основните причини што како одминуваа минутите, така и растеше предност на Цедевита Јуниор.

Фото: kfsm.mk

На првиот одмор, домашниот тим водеше со 24:20, на оној вториот, и најдолг, нивната позитива дојде на поголеми 44:35.

Ниту оние 15 минути за одмор и совети како понатаму, не донесоа смена „на теренот“. Пробуваа „пелистерци“, но не успеваа да симнат дел од таа „здодевна“ и постојана негатива. Напротив, во третиот дел екипата од Загреб додаде уште неколку поени, па последниот период го дочека со уште повисоки 67:53.

Гостите од Битола пробаа уште еднаш, се доближија на „-10“ (64:74), во средишницата на последната четвртина. Но нивниот налет, со тројка, го прекина Американецот Гејни, за 77:64, кои нешто подоцна, за кратко време, „пораснаа“ и на недостижни 90:69.

Ленгстон Вилсон заврши со дабл-дабл учинок од 17 поени и 12 скока. Митревски дојде од 16 поени, со само еден нереализиран обид од поле (2/2 за три, 3/4 за два поени), Си-Џеј Вилсон заврши со 11, додека Малешевиќ додаде 10. Во второто коло од групата „Д“, кое е на програмата на 22 октомври, битолчани ќе му бидат домаќини на словачкиот претставник – екипата на Превидза.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот