Фото: КК Пелистер Битола

Пелистер подобар од ТФТ за трето место во кошаркарскиот шампионат

Кошаркарите на Пелистер го освоија третото место за сезоната 2025/26 во „МТЕЛ“ Супер лигата откако славеа со 90:86 на денешната „мајсторка“ на гостински терен против ТФТ, за 2:1 во победи во оваа плејоф-серија. Битолчани на овој дуел беа дополнително ослабени со неиграњето на Брејси Дејвис, но сите останати покажаа и карактер и квалитет, давајќи свој придонес да се стигне до посакуваниот триумф.

Малешевиќ ја отвори мајсторката со тројка, по што Пелистер набрзина поведе со 7:2 со поените на Џенкинс. „Зелено-белите“ имаа целосна контрола над резултатот во првата четвртина, водеа со 12:6, потоа и со 23:15 по реализацијата на Крстевски, истиот кошаркар погоди тројка за 28:19, за првиот период сепак да заврши со 28:22 по тројката што за домашниот тим ја постигна Зафиров.

ТФТ успеа да се врати во вториот период, па по израмнувањето на 36:36 тренерот Даскаловски беше принуден да побара тајмаут во 16 минута од натпреварот. „Пелистерци“ се мачеа во нападот, но Стајиќ погоди две важни тројки и на одмор се замина со израмнети 44:44.

ТФТ отвори со водство од 50:44, но Пелистер набрзо се консолидираше, се врати резултатски, а потоа и повторно ја презеде контролата поведувајќи со 61:53 со серијата поени на Вилсон. Пелистер имаше и 65:53, но повторно краток период на невнимание му овозможи на домаќинот да се приближи на 65:61, за нов тајмаут на Даскаловски. Кризата во нападот продолжи, Пелистер не постигна ниту поен во последните три минути од третата четвртина, па во последниот период се влезе со 65:61 за битолскиот клуб.

Пелистер имаше водство од 71:66, но неколкуте грешки во нападот им овозможија на домаќините да се вратат и за нецела минута да поведат со 72:71. Советите на Даскаловски не вродија со плод, ТФТ набрзина поведе со 77:71, па стратегот на Пелистер мораше веднаш да земе уште еден тајмаут. Домашната предност од 79:73 експресно Пелистер ја стопи со тројките на Стајиќ и на Крстевски, потоа и поведе со положувањето на Крстевски (81:79 на четири минути до крајот). Пелистер имаше 88:81 и напад на 80 секунди до крајот, битолчани сепак дозволија домаќинот да се приближи на 88:86, по што беше направена лична грешка врз Малешевиќ на 14 секунди до крајот. Српскиот ас биеше прецизно, ставајќи печат на победата, на крајот изразена со конечните 90:86.

Дамјан Крстевски одигра уште еден одличен меч и со 23 поени ги предводеше стрелците на Пелистер, Џенкинг постигна 18, Малешевиќ 17 поени, а двоцифрен ефект во последниот меч сезонава имаа и Вилсон со 16 и Стајиќ со 14 поени. На спротивната страна Ташовски имаше 29 поени следен од Зафиров со 20.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот