Пелистер ќе атакува на триумф против Цедевита Јуниор во ФИБА Европа купот
Македонскиот кошаркарски клуб Пелистер денеска со почеток од 19.00 часот во салата „Дражен Петровиќ“ во Загреб ќе го игра првиот натпревар од ФИБА Европа купот, против Цедевита јуниор.
Препорачано
Битолчани одлично ја стартуваа новата сезона со две убедливи победи во домашното првенство, како најава за почетокот на оваа европска авантура во групната фаза од едно ФИБА натпреварување.
Домашниот терен ќе биде адут на хрватскиот тим, но играчите на тренерот Боро Даскаловски се решени воопшто да немаат епизодна улога и ќе сторат се за да стигнат до посакуваниот резултат.
– Ни следува првиот натпревар на европската сцена, пред нас имаме екипа што е млада, физички добро подготвена, што игра агресивна кошарка на двете страни од теренот. Главна задача ќе ни биде да одговориме на таа нивна брза игра и да ја контролираме топката во нападот. Се наоѓаме во добра форма, одлично отворивме во домашното првенство и се надеваме дека така ќе продолжиме и на европската сцена – вели Бобан Стајиќ, еден од најискусните во играчкиот кадар на КК Пелистер.
Во вториот меч од групата Д се среќаваат Приевидза од Словачка и Керавнос од Кипар, натпревар кој исто така ќе се игра од 19.00 часот.
ФИБА Европа куп
Прво коло, група Д
Денеска
19.00 часот Цедевита Јуниор – Пелистер
19.00 часот Приевидза – Керавнос


