Педофили, дрога, алкохол циркулираат низ Дебар Маало, родителите се загрижени и бараат поголемо полициско присуство на „Дрвен“

Игралиштето на Дрвен се собиралиште на малолетници од цел град/Фото: Слободен печат

Во средата вечер полициски службеници од ПС Центар го лишија од слобода С.Т. (39) од Скопје, постапувајќи по пријава од жена од Скопје дека во парк на подрачје на Центар С.Т. физички го нападнал и го допирал нејзиниот малолетен син.

МВР соопшти дека за случајот е известен  јавен обвинител и по расчистување и документирање на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок.

Но тука не завршуваат проблемите во центарот на Скопје односно во популарното Дебар Маало кое е собиралиште и главно место за излегување на малолетниците од целиот град.

Популарното игралиште Дрвен во Дебар Маало/Фото: Слободен печат

Родителите на децата од основното училиште „Коле Неделковски“ по инцидентот со педофилот се сериозно загрижени за безбедноста на своите деца, па заедно со наставниците го алармираа и градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски за сите проблеми со кои се соочуваат децата од овој дел на Центар.

-Вчера одржавме средба со поголем дел од родителите чии деца учат во „Коле“ меѓу кои сум и јас и повикавме и претставници од МВР, а денеска на нова средба договоривме да поднесеме петиција до ресорните министерства за внатрешни работи, труд и социјална политика и за образование и наука зошто сме загрижени за безбедноста во реонот на Дебар Маало и ќе побараме поголемо полициско присуство и контроли за да ги заштитиме нашите деца. За петицијата ќе ги запознаеме сите родители за да има поголем одѕив до надлежните, рече во изјава за „Слободен печат“ градоначалникот на Скопје Горан Герасимовски.

Загриженоста на родителите освен за сексуалните предатори се однесува и на популарната локација кај тинејџерите позната како „Дрвен“ односно спортското игралиште на улицата „Благој Давков“ каде се рекреираат децата кои живеат во Дебар Маало но во вечерните часови и особено во викендите се собираат од цело Скопје и го „окупираат“ нивното локално игралиште со сите пропратни девијантни појави.

-Присутна е дрога која се носи од други места, алкохол циркулира меѓу малолетниците, а се случуваат и тепачки па затоа бараме да има повеќе претреси и контроли од полицијата, но и инспекторите да излезат на терен и да се контролираат и угостителските објекти како и возилата кои се вртат во Дебар Маало, се закачаат со другите деца како и да се постават лежечки полицајци заради поголема безбедност на децата во сообраќајот низ тесните улички, вели Герасимовски и додава дека од МВР секогаш добиваат одговор дека имале мал број на полицајци за почесто и поголемо присуство на овој терен.

Родителите на децата од Дебар Маало се сериозно загрижени и бараат побрза реакција на надлежните органи. Герасимовски најави и подиректна комуникација со полициските командири за да се делува превентивно во спречување на инцидентите.

Загрижени за случувањата меѓу тинејџерите на „Дрвен“ се и соседите кои се жалат на галамата и собирањето на децата до доцните ноќни часови, а популарното игралиште и собиралиште често е вандализирано од непознати сторители и повторно обновувано од страна на Оштината. Во изминатиот период игралиштето било испрскано и со автомобилско масло и со киселина, но затворањето не е решение и е на штета на децата од Дебар Маало кои го користат и е најблиску до нивниот дом.

-Сега за сега, ситуацијата ја држиме под контрола, но добронамерно укажуваме дека не само оваа локација, туку Општината мапираше повеќе критични точки во Центар каде има проблеми и мора да се воведе поголем ред. Мора да се смени и системот и да се донесат построги закони со поригорозни казни за сторителите на прекршоци и инциденти за кои ние алармираме како локална власт до централната, дециден е градоначалникот Герасимовски и потсетува дека претходната година сериозни инциденти и тепачки се случуваа на ова место.

Одговорноста делумно е и на родителите кои треба да внимаваат каде се движат нивните деца и како се однесуваат со врсниците и на местата каде излегуваат.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот