Unsplash
Unsplash

Пчелите тивко ја работат својата магија за да обезбедат напредок на заедницата – Да направиме повеќе напори да ги заштитиме опрашувачите

Оваа година на 20 мај под слоганот „Пчелата дел од земјоделско производство кое е погодно за опрашувачите“ се одбележува Светскиот ден на пчелите. Организацијата за храна и земјоделство при Обединетите Нации (ФАО) ги повика државите и поединците да направат повеќе напори за да ги заштитат пчелите и другите опрашувачи со цел да се заштитат екосистемите и да се обезбеди сигурност на храната.

-Светскиот ден на пчелите 2023 година има за цел да ја подигне свеста за важноста од примена на земјоделски практики кои се погодни за пчелите и другите опрашувачи, а истовремено придонесуваат за отпорноста, одржливоста и ефикасноста на земјоделско-прехранбените системи, велат од ФАО.

unsplash
Пчели, Фото: Архива

Во организација на Амбасадата на Република Словенија и Земјоделскиот институт-Скопје, во соработка со општина Гази Баба и ФАО, го одбележаа Светскиот ден на пчелите со фокус на младите.

Две жени, пчелар и ентомолог, им покажаa на децата од основните училишта во општина Гази Баба како функционира еден семеен бизнис кој произведува природен мед. Тие, исто така, им ги објаснија разликите помеѓу пчелите и другите опрашувачи, придобивките од опрашувачите и што се подразбира под здрави живеалишта на опрашувачите. Преку дегустација на мед, децата научија за различните видови мед произведени од различни видови пчели. Дополнително, учениците ги изразија своите новооткриени сознанија за важноста на пчелите преку ликовна активност на оваа тема. Настанот заврши со посета на пчеларникот на Земјоделскиот институт, донација од Република Словенија.

Пчелите, тие мали, но прекрасни суштества, неуморно ги опрашуваат нашите култури, овозможувајќи раст на овошје, зеленчук и безброј други извори на храна кои нè одржуваат. Тие се неопеани херои на нашите полиња и овоштарници, кои тивко ја работат својата магија за да обезбедат нашите чинии да се наполнат и нашите заедници да напредуваат – изјави Виктор Ѓамовски, директорот на Земјоделскиот институт – Скопје.

Фото: ФАО

Амбасадорката на Словенија, Татјана Ковачич потенцира дека пчелите и другите опрашувачи се клучни за глобалната безбедност на храната. Секоја трета лажица што ја јадеме зависи токму од нив.

Кристина Митиќ Арсова, национален тим лидер на ФАО истакна дека опрашувачите како пчелите, птиците и лилјаците придонесуваат за 35 отсто од вкупното светско растително производство, опрашувајќи 87 од 115 водечки прехранбени култури ширум светот,

Сепак, пчелите и многу други опрашувачи се намалуваат. Интензивното земјоделско производство и прекумерната употреба на пестициди претставуваат сериозна закана за пчелите и другите опрашувачи, го намалуваат нивниот пристап до храна, ги изложуваат на штетни хемикалии, го ослабуваат нивниот имунолошки систем и негативно влијаат на биодиверзитетот. Светскиот ден на пчелите е можност за сите нас да промовираме акции кои ги штитат опрашувачите и нивните живеалишта. Дури и одгледувањето цвеќиња дома за да се хранат пчелите придонесува за овој напор, додаде таа.

Градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски вели дека како најразвиена општина, Гази Баба во основа е рурална општина, богата е со зелени и земјоделски површини на кои пчелата навистина им е потребна.

Го поддржуваме Светскиот ден на пчелата и оваа традиционална манифестација помеѓу Земјоделскиот институт, Амбасадата на Република Словенија и ФАО. Веруваме дека учениците од општина Гази Баба ќе стекнат убави искуства во значењето на пчелата за животот на планетата Земја и производството на мед и оваа манифестација ќе продолжи како традиција” – изјави градоначалникот.

Фото: ФАО

Дали сте знаеле?

  • Мнозинство опрашувачи се диви, вклучувајќи повеќе од 20.000 видови пчели.
  • Опрашувачите придонесуваат за 35 проценти од вкупното светско растително производство, опрашувајќи 87 од 115 водечки прехранбени култури ширум светот.
  • Речиси 75 отсто од светските култури кои произведуваат овошје и семиња за човечка употреба зависат, барем делумно, од опрашувачите.
  • Во многу области, пчелите, опрашувачите и многу други инсекти се намалуваат во изобилство и разновидност.
  • Нашата безбедност на храната, исхраната и здравјето на нашата животна средина зависат од пчелите и опрашувачите.
  • Секој може да направи разлика за да ја поддржи, обнови и подобри улогата на пчелите и опрашувачите.

Словенија, заедно со ФАО, беше клучна во воспоставувањето на Светскиот ден на пчелата како меѓународен ден преку резолуцијата на Генералното собрание на ОН усвоена во 2017 година. Официјалната церемонија за првиот Светски ден на пчелата се одржа во 2018 година во словенечкото село Брезница, родното место на Антон Јанша, пчелар и пионер на модерното пчеларство. Неговиот роденден, 20 мај, беше избран да се одбележува секоја година како Светски ден на пчелите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот