Патриоти со идентитетска празнина на рамената

мирослав грчев
Мирослав Грчев. / Фото: Приватна архива

Да го криеш и да го одрекуваш родителот, да лажеш дека немаш врска со своето комунистичко потекло, да премолчуваш дека си родум од Југославија, е тоа е тема за вистинска идентитетска психоанализа. Но ние шетаме безгрижно со таа идентитетска празнина во главата, широка колку и дупката во нашата шапка, додека на блгарските патологии што облетуваат околу нашиот кенеф ко светкавозелени коњски муви, никако не можеме да им премолчиме.

Сѐ до пред некој месец, светот мислеше дека прашањето на слободата е дефинитивно решено со рушењето на берлинскиот ѕид и со отвoрањето на ресторан „Мекдоналдс“ во Москва, пишува Дежуловиќ во својата белешка „За слободата“. А, во меѓувреме, заклучува тој, слободата стана стара и банална работа, антиквитет од затурениот правлив сандак, додека за секојдневна употреба неа ни ја протолкуваа како слободен пазар, а пак слободата на мислењето ни ја продадоа како слобода на социјалните мрежи неказнето да се празни мозочното дебело црево. И така ослободен, светот на 21 век се фрли на следната најважна агенда на нашата доба, на клучното прашање на столетието, мајката на сите прашања – прашањето на идентитетот!

Како старозаветна казна, ова глобално затемнување на умот беше прекинато од безмилосната и сосем неочекувана атака на пандемијата ковид-19 (иако научниците, биолозите и епидемиолозите веќе 20 години кинат гласни жици, најавувајќи ја како безмалку неизбежна глобална опасност). Во идентитетската тишина што завладеа со светот, малкумината што сочуваа здрав разум помислија дека замолкнувањето на идентитетската врева што произведуваше сѐ повеќе омраза и други фашизоидни доблести, ќе го освести човештвото и ќе му овозможи да го смени светогледот на глобалниот капитализам, што нѐ носи во очигледна културна, социјална, еколошка и биолошка пропаст.

„Клучното прашање на столетието“

Ах, пусти надежи: само што го премавнавме пикот на пандемијата, броењето на мртвите како главна содржина на вестите беше повторно потиснато од „клучното прашање на столетието, мајката на сите прашања – прашањето на идентитетот!“. Орбан побрза на Фејсбук – а, каде на друго место – да ја објави заборавената карта на Унгарија од пред некој век, со драматично големи делови од Хрватска и Романија, инкорпорирани во унгарската територија, а браќата Б`лгари ни го испорачаа најбратскиот и најдобронамерен услов за влез во ЕУ. Условот е: да сме прекинале со фалсификување на историјата и да сме признале дека пред да бидеме откинати од блгарската историја и од блгарското национално битие од страна на србокомунистичките партизански банди на енкаведеовскиот агент Јосип Броз Тито, ние сме биле сштите хора, повеќе од браќа – сме ти биле едно. А во тоа едното, ние да сме ти биле браќата со говорна мана, говор за кој добронамерните блгарски браќа ни дозволуваат да го наречеме јужноблгарски дијалект.

Овој братски потег предизвика вистинска констернација во Македонија, врева патриотска, во која почна вечниот македонски натпревар за најголем бранител на македонскиот јазик, народ, идентитет, култура, историја, практично на сѐ што е свето македонско. Сред оваа врева помина и 4 мај, кога нацијата го посвети денот на оддавање почит и благодарност на Гоце Делчев пред неговиот гроб во  црквата „Св. Спас“, но – како и секоја од последните 30 години – за Јосип Броз Тито, човекот што како во „Мишн импосибл“ им ги собра од Софија моштите на Гоце и ни ги донесе тука, и што некоја година пред тоа е најзаслужниот во вселената за изведувањето на „Алтимејт мишн импосибл“ – создавањето на федерацијата на јужнословенски народи и остварувањето на македонскиот државен и културен проект, за него не беше кажан ниту збор.

Во повторната идентитетска и патриотска епика и патетика што се развива по светата македонска земја, навистина не гледам причина да ги психоанализирам бугарските бладања за македонскиот дел на Целокупна Блгарија, за тој мрачен предмет на желбите, тоа геополитичко меѓуножје што е вечниот центар на највлажните бугарски соништа и кошмари. Тоа се нивни психопатологии, зошто ние би трошеле зборови или време на нив? Исто така, за кој андрак би требало сега со врева и хистерија да врескаме дека ние сме ти биле ние, и дека го говориме јазикот што го говориме. Тоа денес би требало да се анахрони прашања чиешто актуелизирање – особено ако е филувано со гнев, болка, навреденост и омраза – само по себе ги дебанализира и им ја поткопува неоспорната историска втемеленост. Така што, идентитетскиот дискурс е штетен сам по себе, а особено е бескорисно нацијата да се занимава со неисполнетите великобугарски историски копнежи.

Криење на родителот

Она за што вреди да се зборува во врска со нашиот идентитет, нашата историја, македонскиот јазик и култура, тоа е токму она за што не само што не се зборува, туку – како што веќе кажав погоре – не се кажува ниту збор. Станува збор за несомерливиот контраст помеѓу вистинските заслуги за создавањето и постоењето на македонската држава – што се, воедно, и заслуги за создавањето на стандардниот македонски литературен јазик и за реализацијата на целокупниот македонски културен проект – за коишто упорно молчиме како да не постоеле, и скромните или непостојните заслуги на оние што последните три децении ги славиме „со сите ѕвона“. Да, токму контрастот помеѓу апотеозата на случајните ликови на кои им изградивме џиновски бронзени споменици и антимакедонските „заслуги“ на злосторничката ВМРО што ги наполнија нашите учебници и медиуми, и молкот за творецот на македонската држава Јосип Броз Тито, заедно со неговите комунисти и партизани со црвена петокрака на шапките – е вистинската мерка на нашата сопствена идентитетска патологија.

Да го криеш и одрекуваш родителот, да лажеш дека немаш врска со своето комунистичко потекло, да премолчуваш дека си родум од Југославија, е тоа е тема за вистинска идентитетска психоанализа. Тоа се чудовишните димензии на нашата вистинска идентитетска и културна патологија за која вреди да се води национална дебата. Но ние шетаме безгрижно со таа идентитетска празнина во главата, широка колку и дупката во нашата шапка, додека на блгарските патологии што облетуваат околу нашиот кенеф ко светкавозелени коњски муви никако не можеме да им премолчиме. Вистински патриоти, без секое сомнение.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот