Парите од спортскиот ваучер ќе се исплаќаат од Владата директно на сметка на клубовите

фото: РК Еурофарм Пелистер

Агенцијата за млади и спорт-(АМС) заедно со Министерството за правда-(МП) го подготви новото предлог-законско решение со кои ќе се уреди новиот начин на реализација на спортскот ваучер. Ова значи дека ќе се менува законот кој беше донесен пред пет години кога се воведе спортски ваучер со цел да се стави крај на „беспарицата“ во спортските клубови и федерациите коишто не можат самостојно да функционираат, да побараат помош од спонзори. Сега наместо преку сметка на фирмата, парите од ваучерот клубовите и индивидуалните спортисти ќе ги добиваат директно преку Генералниот секретаријат на Владата.

Поранешниот ракометар а сегашен директор на Агенција за млади и спорт го презентира новиот предлог-закон кој е планиран да биде изгласан во собранието во февруари.

„АМС заедно со Министерството за правда (МП) веќе го подготви новото предлог-законско решение со кои ќе се уреди новиот начин на реализација на спортскот ваучер. Очекуваме законот набрзо да помине во МП, па да влезе во собраниска процедура и да биде изгласано од пратениците најдоцна до февруари следната година. Критериумите ќе бидат малку позатегнати и парите ќе одат директно на клубовите и федерациите, но јасно е дека повторно ќе има помош како и досега за сите клубови и федерации. Со оваа мерка, поддршката во спортот ќе продолжи, а ваучер-системот ќе се унапреди и сите кои имаа потешкотии од било кои причини при реализација на спортскиот ваучер, тој проблем веќе ќе го немаат. Злоупотребите од нечесните компании кои бараа услуги за реализација на спортскиот ваучер, ќе престанат и сите средства ќе се користат за унапредување на спортот и за потребите на спортистите. Ваучерите ќе се реализираат на двапати во годината, дел во март и остатокот во јуни“, изјави Мојсоски.

Најголемиот проблем досега преставувале посредниците за реализирањето на ваучерот. Врската помеѓу клубот и фирмата, своето посредување го наплатувале „дебело“ па дел од спортските работници велат дека последната година посредувањето достигнало и до 50 проценти.

Ваквиот предлог-закон кој речиси сигурно ќе биде изгласан од страна на владата, го поздравуваат спортските работници, а претседателката на поранешниот ракометен првак Металург, Зорица Блажевска во изјава за „Слободен печат“ вели дека истиот  ќе значи крај на „посредниците“, кој што без нив многу тешко се реализираше спортскиот ваучер.

„Среќна сум и задоволна што ваучер системот ќе продолжи да функционира, како огромна поддршка за спортските субјекти, но со отстранување на слабостите односно со прескокнување на корупциските вошки, со префрлање на средствата од данокот директно на сметка на Клубовите“, вели Блажевска.

 

Блажевска вели дека спортскиот ваучер бил добро осмислен, но реализирањето на истиот преставувал најголем проблем.

„Воведувањето ваучери за финансирање на спортот во земјава требаше да биде систем кој им помогне финансиски на спортските субјекти. Јас бев еден од промоторите на тој систем, кој го препознав како одлична и повеќе од потребна поддршка. Државата одреди лимит од 10 милиони евра. Во рамките на овие 10 милиони евра се движи можноста да спонзорирање и даночно ослободување кое може да се добие, а секој клуб беше ограничен за одредена сума која може да ја прими како донација, односно со ваучер на одреден износ. Се беше добро осмислено, но реализирањето беше најтешкиот дел, односно делот каде се виде лошото лице на овој систем, односно лошото лице во спортот. Фирмите си дозволуваа од данокот кој секако го плаќаа, при донирање да си бараат процент од спортските субјекти, кој последната година достигна и до 50%. Во една година имаа доволно време да размислат, да сфатат дека тоа им е уште еден начин да избегнат данок, но и да си остварат заработка на штета на спортските клубови. Значи, ги добиваш средствата и ликови, корупирани, во лик на адвокати, во лик на нотар и слични за мене, да речам мито-мафија, ти се обраќаат по реализација на ваучерот. Буквално лихварски. Јас, пред две години, на една трибина во Управата за јавни приходи, кажав што се се случува, заедно со претставници од други клубови, не само од ракомет, други спортски клубови“, изјави Блажевска.

 

Досега, проблем настануваше во моментот кога треба да се добијат тие финансии, а големиот број бирократски процедури се кочница за нормалното функционирање на спортските клубови, федерациите и спортистите-поединци.

Исто така проблематично е што спортскиот ваучер досега клубовите го добиваа во календарската година, а сезоните започнуваат во август месец и завршуваат кон крајот на мај, следната година. Голем број на спортските клубови живеат „од“ и „за“ спортскиот ваучер па така долгоочекуваните финансии што ќе ги добијат од спортскиот ваучер, се „однапред изброени пари“ и со нив се пополнуваат долговите направени претходно. Со новото законско решение клубовите ќе добијат пари два пати годишно, во март и јуни.

Олимпискиот комитет бара разрешувања во АМС и итно замрзнување на постапката за доделување спортски ваучери

Проблем за спортските клубови преставуваше и наоѓање фирма, којашто е желна да финансира во спортот, но од друга страна да биде стабилна и сигурна во својот приход на крајот на годината. На почетокот на годината не секоја фирма е сигурна колку ќе заработи во годината, и дали воопшто може да си дозволи, да го исплати целиот ваучер кој што го има на располагање клубот.

Малверзации правеа и комисиите коишто одлучуваат колкав ваучер ќе добијат спортските субјекти. Бодувањето го правеа директори на клубови наместо „независни“ , коишто прецизно ќе се водеа по однапред пропишаните критериуми, па така лесно се влијаеше за нечив ваучер да биде за неколку илјадници евра поголем.

Годинава спортски ваучер добиле 45 федерации, 602 клубови и 284 индивидуални спортисти. Поранешниот европски ракометен првак Вардар е прв на листата со спортски ваучер во висина од 17 милиони денари, по што следува ракометниот клуб РК Пелистер со 15 милиони денари. Идентичен ваучер има и ракометниот клуб Бутел, а РК Пролет 12,5 милиони денари. Зад ракометните клубови следи првакот на Македонија во кошарка, МЗТ Скопје Аеродром со 13 милиони денари. Шкендија и Шкупи највисоко котираат меѓу фудбалските клубови.

Ракометната федерација години наназад има на располагање најголем ваучер иако Фудбалската федерација не аплицира за спортски ваучер.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот