Олимпискиот комитет бара разрешувања во АМС и итно замрзнување на постапката за доделување спортски ваучери

Итно замрзнување на постапката за доделување спортски ваучери побара Олимпискиот комитет на Северна Македонија откако Државната комисија за спречување на корупцијата најави дека, поради редица утврдени неправилности, ќе иницира кривично гонење на директорот на Агенцијата за млади и спорт Наумче Мојсовски и на членовите на Централната комисија за евалуација на предлог-листите за доделување ваучерите.

Обраќајќи се до Владата и до министерката за добро владеење и борба против корупција Славица Грковска, Олимпискиот комитет укажува дека и покрај општото јавно мнение и незадоволство од начинот на распределба на финансиските средства од страна на АМС во целост поткрепени со наодите на Комисијата за спречување на корупција и дефинитивно потврдено и докажано со заклучоците во извештајот на Државниот завод за ревизија каде негативно е оценета работата на АМС по сите точки и основи, раководството на истата во ист и непроменет состав продолжува со истите, како што наведува, криминални практики.

– Почитувана Г-ѓа Грковска, во изминатиов период во повеќе наврати со задоволство ги слушавме Вашите излагања во кои цврсто и одлучно повикувавте на неселективно доследно применување на принципите на одговорност, отчетност, транспарентност и добро владеење и управување со јавните финансиски средства за сите носители на јавни функции. Веруваме дека со должно внимание сте го прочитале Конечниот Извештај на Државниот завод за ревизија каде прецизно се констатирани сите незаконски дејанија кои за жал се пракса во работењето на раководството на АМС. Внимавајте, се работи за милионски суми распределени без никаква контрола и механизми – се вели во обраќањето на Комитетот.

Дополнително, оттаму наведуваат оти веруваат дека во Владата се загрижени од фактот што од страна на Агенција за заштита е правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер, АМС е рангирана на катастрофално 115 од 120 места како крајно нетранспарентна организација.

– Дојде време да покажете на јавна сцена пред сите нас кои работиме и живееме за и во спортот, дали Вашите зборови и заложби имаат суштина или се само празни политички флоскули. Согласно ова, ја повикуваме Владата и Вас лично како најодговорен функционер за оваа сфера, да го исполните јавно даденото ветување за чесно, одговорно и транспарентно работење на од Вас избраните и поставени функционери и да го разрешите директорот и комисиите поставени од него и да назначите нови, чесни и професионални лица кои доследно ќе го применуваат законот, правилниците и критериумите за доделување на средства на сите спортски субјекти. Со оглед на тоа што во моментов тече постапката за доделување на ваучери за 2023 година, бараме итно замрзнување на постапката се до именувањето на новите членови на Централната комисија. Одговорноста за брза и ефективна реакција е Ваша и е исклучиво во Ваши раце и нема простор за префрлање на вината кај нефункционалниот судски систем – се заклучува во текстот потпишан од претседателот на Олимписки комитет на Северна Македонија Даниел Димевски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот