Обвинител Ислам Абази и обвинителката искра Хаџи Василева

Парите на судијата Ристов ги најдовме како „игла во сено“ , го издале свежиот цемент, но и оперативни сознанија – Обвинителството со детали за акцијата

Парите ги најдовме како „игла во сено“ – вака описно обвинителката Искра Хаџи – Василева која го води предметот во кој во куќен притвор заврши судијата од Апелација Ѓоко Ристов хронолошки, на брифинг со новинарите објаснуваше како Обвинителството заедно со другите институции, Министерството за внатрешни работи, Финансиската полиција и Агенцијата за национална безбедност стигналедо  350-те илјади евра на судијата, заѕидани во домот на неговите родители во Неготино.

Истрагата за предметот траеле речиси една година, а случувањата се склопувале како еден вид мозаик кога голем број сведоци почнале да пријавуваат во Обвинителството дека адвокати и други моќни луѓе им барале мито.
Контурите на предметот почнале да исцртуваат кога беше фатен поранешниот Државен правобранител Фехми Стафа кој беше фатен како прима 30 илјади евра од сестрата на Ѓаволот. Овие пари како што убедувал Стафа биле за апелационен судија, а тој вкупно зел 50 илјади евра, а барал 100 илјади.

Ѓаволот се шета низ Скопје и по болници, а МВР го бара со меѓународна потерница

Немало Пим-ки ниту за Стафа, ниту за Ристов

 

Она што зачудува е што, како што тврди Обвинителството, ниту Стафа, ниту Ристов биле под посебни истражни мерки. После сведочењата и индициите почнала финансиска истрага и финансиски проверки за Ристов, кои покажале дека треба да се бараат кеш пари.

– Беа направени проекции од недвижност, имот и легитимен приход од државните плати. Беа направени претреси на неколку локации кои оперативно беа најлогични за проверка, првично не беа пронајдени средства ама и тука не е лесно да барате пари. При првиот увид не беше пронајдено ништо, па се проба уште еднаш во домот на родителите во Неготино и со макотрпна работа на истражителите и полицајците, отидовме поспремни и со техничка опрема, се пронаоѓа потазе цемент, на прашање претходно дали правеле нешто во скоро време одговараат со „не, не сме правеле“, на крајот испадна во ѕид. Различни плочки кои не се поклопувале и биле испокршени, рачно тропкање и дел од опрема за проверка, се потрудивме што поелегантно, се појави мала дупка, дупката се прошири и почнаа да паѓаат пари. Присутни беа членови на семејството, претресот е законит. Доминантно по 500 евра банкноти и други – објаснија од Обвинителството.

Но освен свежиот цемент, Обвинителката призна дека имале и оперативни сознанија дека парите се всушност скриени, па имале и еден неуспешен обид да ги најдат на истото место и на уште две други локации. Иако првично не биле најдени, Обвинителката не се откажала и наредила повторен претрес во кој парите биле најдени.

Се бара куќен притвор за судијата со соѕидани стотици илјади евра

На првиот претрес ништо не нашле

Обвинителството уште нема докази за кои предмети биле земени парите, односно дали биле мито за судски предмети, но она што го има како доказ е дека парите не се реални со примањата на судијата.

– Двата претреси се на слична локација, првиот пат не беше најдено ништо, вториот пат се пронајдени парите. Не наведуваме ние од колку предмети се парите или од кои предмети – рече обвинителката.

Ристов пак во Обвинителството и судот тврдел дека парите им се од лозарство, а одбраната негова вчера излезе дека всушност парите не се од Ристов, туку од неговите татко и мајка. Сепак Ристов и неговата одбрана не го убедиле Обвинителството дека парите на Ристов му се од земјоделие.

Од ОЈО ГОКК велат дека не се убедени во исказите дека парите пронајдени во ѕидот се од земјоделие.

– Во вчерашниот ден пред судија беше изнесена одбраната на осомничениот, исказот на родителите дека парите се нивни мене не ме убеди, ниту се чини кредибилна, одбраната дека се од родители или од земјоделие мене не ми се убедливи наспроти она што го имаме како доказ и случувањата на терен, претреси, вербални докази, начинот на кој се најдени и чувани. Можеби понатаму ќе не убедат – рече Обвинителката.

https://www.slobodenpecat.mk/sudijata-ristov-parite-gi-kriel-zad-plochka-vo-kujnata-policijata-otkri-kako-mu-gi-nashle/

Се превенирало бегство

 

Иако јавноста повеќе од два дена прашуваше каде е судијата, Обвинителката тврди дека биле применети сите механизми да се превенира евентуално бегство.

-Ни требаше кратко време за проверките, судијата е на активно боледување и се размислуваше дали е логички да се предложи претрес, оваа мерка е балансирана и пропорционална, не е исто да фатите некој на чин на правење на делото, таа мерка може да трпи во секој момент промена, на построго или поблаго – рече Хаџи – Василева.

Ристов се гони за „противправно стекнување и прикривање имот“ и „перење пари и други приноси од казниво дело“. За кривичното дело „перење пари“ вели дека не станува збор за класично пуштање во оптек на нелегално стекнати пари, туку дека во тој член од Кривичниот законик има став и за криење пари.

Тој беше судија во Кривичниот суд, а потоа и во Апелација и беше дел од судечките совети кои одлучуваа за предмети за голем број политички и бизнис моќници.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот