Парите, 20 илјади евра, не се најдени кај директорот на Геријатрија, туку кај посредникот што работел во болницата
Директорот на специјализираната болница за Геријатрија Мухсин Арифи е приведен под сомнение дека зел мито за да хоспитализира пациент. Како што дознава „Слободен печат“, парите во кеш во износ од 20 илјади евра, не биле пронајдени кај него, туку кај посредник што работел во болницата а кој го посочил Арифи за човек што ги бара парите за да хоспитализира пациент на подолг период, од 1 или 2 години.
Препорачано
Нејасно е дали Арифи навистина ги барал парите, или пак посредникот го злоупотребил Арифи за да се одбрани. Во оваа здравствена установа се примаат возрасни пациенти, во најтешка здравствена состојба, листите на чекање се големи, а бројот на кревети ограничен.
Во координирана акција на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција и МВР приведени се две лица под сомнение за кривични дела примање поткуп и примање награда за противзаконито влијание. Се постапува за целосно расчистување на настанот, велат од Обвинителството за „Слободен печат“.
Арифи претходно беше организациски директор на психијатриската болница во Бардовци. Toj e дипломиран архитект и доаѓа од Алијанса за Албанците.


