Папата Франциск прогласи десет нови светци, им се припишуваат разни чуда

Папата Франциск / Фото EPA-EFE/VATICAN MEDIA

Папата Франциск денеска прогласи десет лица за светци, меѓу кои еден холандски свештеник, борец против нацизмот, убиен во концентрациониот логор Дахау и францускиот монах пустиник убиен во Алжир.

Папата (85) беше донесен до олтарот во инвалидска количка поради болки во колената и нозете. На плоштадот Свети Петар имаше повеќе од 50.000 луѓе, што е еден од најголемите собири по ублажувањето на рестриктивните мерки воведени поради пандемијата на Ковид.

Тој ги прочита имињата на канонизираните лица, а по прогласувањето на секој за светец, насобраните скандираа.

Холандскиот свештеник Титус Брандсма бил член на кармелитскиот верски ред и директор на Католичкиот универзитет во Нијмеген. Тој отворено зборувал против нацистичката идеологија уште пред Втората светска војна и германската инвазија на Холандија во 1940 година.

Брандсма беше уапсен во 1942 година. Прво беше задржан во холандски затвори, а потоа одведен во злогласниот логор Дахау, каде што беше подложен на биолошки експерименти. На крајот бил погубен со смртоносна инекција на 61-годишна возраст.

Вториот новопрогласен светец е Шарл де Фуко, француски благородник, војник, истражувач и географ од 19 век, кој подоцна се преобратил и станал свештеник и живеел како пустиник меѓу сиромашните Бербери во Северна Африка. Убиен е во Алжир во 1916 година.

Меѓу другите осум лица канонизирани се Девасахајам Пилаи, кој беше убиен поради преобраќање во христијанство во Индија во 18 век, и Сезар де Бус, француски свештеник од 16 век кој основал религиозен ред.

Папата Франциск канонизираше и двајца италијански свештеници, три италијански калуѓерки и една француска калуѓерка. Сите тие живееле помеѓу 16. и 20 век.

„Овие светци влијаеле на духовниот и социјалниот развој на нивните народи и на целиот човечки род, а во денешниот свет, за жал, дистанцата се продлабочува, а тензиите и војните зачестуваат”, рече папата Франциск по мисата.

Тој додаде дека „светските лидери мора да бидат протагонисти на мирот, а не на војната”, алудирајќи на војната во Украина.

На сите нови светци им се препишуваат чуда.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот