Палестински министер со најава: Ќе ја обновиме безбедносната соработка со Израел

Фото: EPA-EFE/ATEF SAFADI

Палестинската власт ќе ја обнови безбедносната соработка со Израел што беше прекината во мај, соопшти денеска министерот за цивилни работи, Хусеин ал-Шеик.

– Во светло на меѓународните контакти на претседателот Махмуд Абас и писмените и вербални ветувања на Израелците, ние ќе ги обновиме односите на исто ниво како пред 19 мај 2020 година, кога беше објавен крај на безбедносната соработка, рече министерот.

Абас во мај одлучи да ја прекине безбедносната соработка во знак на протест против израелскиот, сега веќе, суспендиран план за анексија на делови од Западниот брег, палестинска територија окупирана од израелската армија во војната во 1967 година.

Палестинскиот претседател тогаш кажа дека палестинската Влада повеќе не се чувствува обврзана да ги почитува „сите свои договори и разбирање со американските и израелските влади и сите нејзини обврски, вклучително и оние поврзани со безбедноста”.

Оваа палестинска одлука имаше особено влијание врз транспортот на палестински пациенти во израелските болници, пренесуваат француските медиуми.

Со прекинување на соработката Палестинската власт, исто така, престана да прима приходи од даноци и царински давачки што за неа ги собира Израел.

Поради тоа палестинската власт мораше да ги намали платите на вработените во јавните служби во време кога палестинската економија забавува поради пандемијата на коронавирусот.

Министерот Шеик не кажа дали враќањето кон односите од пред 19 мај, исто така, ќе значи дека таа повторно ќе почне да ги прима овие приходи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот