
Пакистанска авиокомпанија промовира лет: Париз, доаѓаме… директно во Ајфеловата кула
Премиерот Шехбаз Шариф лично побара истрага за да се утврди кој е одговорен за рекламата за „Пакистанската интернационална авиокомпанија“ (ПИА), која го шокираше светот.
Препорачано
ПИА уште на 10 јануари ја промовираше новата директна авиолинија до Париз, со графика на која е прикажан авион насочен директно кон Ајфеловата кула и порака: „Париз, доаѓаме денеска“.
Рекламата се толкува како приказ на терористичкиот напад на Ал каеда врз Њујорк и Вашингтон на 11 септември 2001 година, бидејќи сцената прилега на последните моменти пред ударот на патничките авиони во Кулите близначки на Светскиот трговски центар во Њујорк.

За да биде алегоријата уште повпечатлива, токму „Пакистанската интернационална компанија“ во 1979 година ја објави најконтроверзната реклама за која било авиокомпанија во историјата – летовите до Њујорк беа промовирани со сенка на џамбо-џет врз Кулите близначки во Њујорк, токму врз местата на кои 22 и пол години подоцна навистина удрија исти такви авиони „боинг 747“.
Водачот на Ал каеда, Осама бин Ладен, кој ја даде дозволата за терористичкиот напад врз САД, во 2011 година беше лоциран и грабнат од засолништето во Аботабад – во Пакистан, а таму во 2003 година беше уапсен и Халид Шаих Мохамед, организатор на нападите на 11 септември.
– Премиерот нареди итно да се истражи кој е одговорен за оваа глупава реклама – изјави министерот Ишак Дар.
Првиот авион на обновената линија на ПИА до Париз слетал на аеродромот „Шарл де Гол“ без каков било проблем.