Падот на Канје Вест: Од музичка икона, до човек кому светот му го сврте грбот

Канје Вест
Фото: EPA/Profimedia

Американскиот рапер Канје Вест е еден од најголемите музички генијалци, барем кога станува збор за хип-хоп музиката. Во последно време, неговото име сѐ почесто се појавува во новинарските написи. За жал, во негативен контекст.

Неодамна, Вест го шокираше светот со своите контроверзни ставови, полни со нетрпеливост спрема еврејскиот народ врз расна и национална основа и со говорот на омраза.

Поради тоа, разбирливо, речиси сите му го свртеа грбот.

Се прогласи за Бог

Канје Вест е роден во 1977 година, во Атланта, но пораснал во Чикаго – двата центри на афроамериканската музика во последните три децении.

Според многумина, тој е еден од највлијателните хип-хоп музичари на сите времиња. Вест ја препозна рап-музиката како жанр со голем потенцијал, па на регуларните хип-хоп матрици им додаде синтисајзери, но и примеси на соул и р’н’б музика. Исто така, во неговите песни се чувствува влијанието на француската диско и хаус школа.

Канје Вест со своите статуетки на доделувањето на музичките награди Греми во 2005 година / Фото: ROBYN BECK / AFP / Profimedia

Денес, тој е еден од најпопуларните хип-хоп артисти, со над 160 милиони продадени албуми и синглови и 24 Греми награди. Од почетокот на неговата кариера, музичките критичари го доживуваа како вид „месија“ и човек со талент за хитови и полн ракав со продукциски трикови. Неговата рана, т.н. „школска“ трилогија албуми „The College Dropout“ (2004), „Late Registration“ (2005), „Graduation“ (2007) го вивна на тронот на рап-музиката. Неговиот талент за музика успеа да допре и до оние слушатели што не ја сакаат рап-музиката како музички жанр. Со секој нареден албум, тој стануваше сѐ подобар во својот музички израз.

Во албумот „The Life of Pablo“ (2016), тој се прогласи себеси за Бог. Од тој момент, Бог станува централна тема во неговата музика. Вест се сврти кон религијата и почна да создава албуми со библиски теми, придружно со госпел-хорови. Како резултат на тоа, неговата популарност почна да опаѓа, а тој стана предмет на потсмев.

Канје Вест и Ким Кардашијан на доделувањето на наградите Греми во 2015 година / Фото: Armando Arorizo / Zuma Press / Profimedia

Многу важен момент во неговиот приватен, но и јавен живот, е неговиот брак со познатата ѕвезда на реалните шоуа, Ким Кардашијан. Тие беа заедно од 2014 година, па сѐ до 2022 година. Се чини дека Вест тотално го изгуби компасот по нивниот развод.

Нарушено ментално здравје

Многубројни истражувачи тврдат дека писателите се подложни на повисок ризик од анксиозност и биполарни нарушувања, шизофренија, униполарна депресија и злоупотреба на супстанци.

Вест беше хоспитализиран во психијатриска болница во 2016 година, каде што беше дијагностициран со биполарно растројство. Во годините што следеа, тој отворено зборуваше за своите епизоди со незауздана манија. Раперот ја доживуваше својата болест како своја „супермоќ“, но и ја начнуваше темата за стигмата околу менталните болести.

Канје Вест и Доналд Трамп во 2016 година / Фото: MediaPunch Inc / Alamy / Alamy / Profimedia

Неговите т.н. испади на социјалните мрежи беа шеговито пренесувани во медиумите. Вест е познат по своето големо его, па изјавите дека е „најдобриот музичар на сите времиња“ и „идниот претседател на САД“ и не беа толку проблематични. Неговото чувство на грандиозност и голема самодоверба беа доживувани како симптом на манија.

За време на неговата музичка турнеја во 2016 година, тој почна да држи долги говори во кои го фалеше поранешниот американски претседател Доналд Трамп. Во 2018 година, тој даде проблематична изјава дека „ропството е избор“.

Канје Вест за време на турнејата во 2016 година / Фото: Splash News / Splash / Profimedia

Неговото однесување повторно стана предмет на загриженост и потсмев во 2020 година, кога тој започна кампања за претседател и даде контроверзни забелешки за Хариет Табман и за абортусот.

Во тоа време, неговата поранешна сопруга Ким Кардашијан напиша: „Како што многумина од вас знаат, Канје има биполарно растројство. Секој што се соочува со оваа болест или има некој близок во животот што има биполарно растројство, знае колку е неверојатно комплицирано и болно да се разбере“. Нарекувајќи го нејзиниот сопруг „брилијантна, но комплицирана личност“, таа додаде: „Оние што се блиски со Канје го знаат неговото срце и ги разбираат неговите зборови, иако понекогаш не се согласуваат со неговите намери“.

Расизам и антисемитизам

Неговата поддршка на Трамп како да му ја отвори вратата од бездната од која никогаш не се врати назад. Неговиот општествен пад кулминираше со последните настани.

Прво, Вест организираше модна ревија со контроверзен слоган „Белите животи се важни“ на Париската модна недела, а потоа почна да објавува и антисемитски објави на социјалната мрежа Твитер. Исто така, тој почна да ги изнесува своите теории на заговор дека сите работат против него – од тајните друштва, па сѐ до неговата поранешна тешта Крис Џенер.

Фото: BACKGRID / Backgrid USA / Profimedia

Како последица на сѐ тоа, цела низа влијателни компании ги прекинаа своите договори со раперот во обид да се дистанцираат од него. „Гап“, „Баленсијага“, „Адидас“, „Фут Локер“ и „Пелотон“ се само дел од брендовите што ја прекинаа соработката со Вест.

Музејот „Мадам Тисо“ во Лондон одлучи да ја отстрани восочната фигура на раперот и со тоа стана последната институција во низа која ја прекина соработката со хип-хоп артистот по неговите антисемитски ставови, објави „Гардијан“.

Восочните фигури на Канје Вест и Ким Кардашијан во музејот „Мадам Тисо“ во Лондон / Фото: Photoshot / Avalon / Profimedia

Престижното списание „Форбс“ објави дека раперот повеќе не е милијардер откако „Адидас“ ја прекина соработката со него. Според нивната пресметка, договорот на Вест со „Адидас“ изнесува околу 1,5 милијарди долари и дека сега, без тој договор, неговата нето вредност ќе падне на 400 милиони долари.

Исто така, агенцијата за таленти Си-еј-еј повеќе не го застапува Вест, а филмското студио Ем-ер-си одлучи да не го објави неговиот документарец.

„Изгубив 2 милијарди долари во еден ден и сѐ уште сум жив“

Канје Вест се огласи на Инстаграм откако многубројни компании престанаа да работат со него.

Во пораката, тој му се обрати на извршниот директор на Ендевор, Ари Емануел, кој напиша статија за „Фајненшл тајмс“ во кој ги повикува компаниите да ги прекинат врските и да се дистанцираат од Вест поради неговите антисемитски коментари.

„За еден ден изгубив 2 милијарди долари и сѐ уште сум жив. Ова е говор на љубовта. Сѐ уште ве сакам. Бог сè уште ве сака. Парите не се тоа што сум јас. Луѓето се тоа што сум јас“, напиша познатиот рапер.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Ye (@kanyewest)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот