Пациентка со рак на дојка мора да плати 10 илјади денари за мамографија, откако сите државни апарати во Источна Македонија „цркнаа“
Здравствениот систем ја остави Винка Правулова од Делчево, пациентка со рак на дојка, без нејзиното законско право да направи мамографија – клучен преглед за откривање на сите промени во дојката, затоа што во Источна Македонија сите мамографи се или расипани, или специјалистите ѝ кажуваат дека „нема термин“. Правулова прима инвалидска пензија во износ од 21 илјади денари, од која приватно од Бугарија си ги купува и лековите за својата дијагноза, а сега најверојатно ќе биде приморана за многу важниот преглед мамографија да патува до Скопје, да плати приватен преглед, да си го покрие патот и да потроши половина од пензијата на оваа потреба за која инаку пациентите со карцином формално-правно се ослободени од плаќање.
Препорачано
Благодарение на пропаднатото и лошо менаџирано здравство, пациентите со рак во Македонија се незаштитени и покрај тоа постојано се зборува дека превенцијата и прегледите се најважни.
-Јас сум онколошки пациент од Делчево. Треба да одам на контрола, односно да направам мамографија на 29 април. Во Пехчево мамографот не работи, во Македонска Каменица не работи, во Кочани работи, но ставена сум на список веќе шести месец и немам добиено термин да одам да ме снимаат. Во Штип мамографот исто така не работи. И пред две години ми се случи истото, не можев да најдам термин и си платив приватно три илјади денари во Скопје. Но, кога ќе ги соберете и трошоците за патот и такси низ Скопје, како и прегледот „декса скен“ што треба да го направам, без 10 илјади денари нема да поминам, со патувањето за сите овие прегледи да ги извршам во Скопје. За „декса скен“ трет месец нема отворени термини иако може да се направи во Скопје и во Штип. Мамографијата ми е многу битна, не дај Боже да не ми се повтори нешто, а немам услови да го направам овој преглед – изјави Правулова за „Слободен печат“.
Според неа, државата и здравствениот систем воопшто не се грижат за најранливите пациенти кои покрај дијагнозата рак имаат и ниски примања, односно само 20-тина илјади денари од инвалидската пензија како што е нејзиниот случај. Таа е поранешна текстилна работничка со над 30 години стаж, која сега државата ја остава на цедило.
Од Министерството за здравство на нашите прашања за мамографските апарати во Источниот Регион, потврдија дека „нема апарат што работи“.
-Според информациите со кои располагаме, во Клиничка болница Штип мамографскиот апарат моментално не е во функција поради дефект, при што веќе се отпочнати активности за набавка на нов апарат, односно Клиничка болница – Штип ќе добие нов мамомат за потребите на пациентките од Штип и регионот, по реализација на сите законски процедури – велат од Министерството за здравство.
Штипскиот апарат не е единствениот што не работи.
Во општините Македонска Каменица и Пехчево, мамографските апарати подолг временски период се надвор од употреба, поради што пациентките досега се упатувале и закажувале прегледи во Штип. За мамографот во Македонска Каменица веќе е нарачан резервен дел од Јапонија, по што се очекува ставање во функција на истиот. Со цел надминување на состојбата, остварена е комуникација со раководството на радиолошката служба со цел изнаоѓање организирани решенија за системско пренасочување на пациентките од овој регион, велат од Министерството.
Без да кажат што е точно преземено за овој огромен проблем, од Министерството додадоа дека „се иницирани активности согласно ресурсите за координирано институционално решение со цел да се обезбеди континуирана и рамномерна достапност на мамографијата, особено за пациентките кои имаат потреба од редовни контролни прегледи“. Но овие активности, не ја опфаќаат Винка Правулова, која под стрес чека термин и собира пари за да отиде во Скопје на мамографски преглед.
Ваквата негрижа оди во линија со завчерашните наоди на Државниот завод за ревизија, според кои кај 80 проценти од пациентите со рак, лекувањето почнува во подоцнежните стадиуми. Ова е така, затоа што државата не им дава на пациентите можност да се проверат од парите што ги уплаќаат во своето здравствено осигурување. Постојано лекарите им кажуваат дека „нема термини“ кои пак магично се појавуваат кога услугите се плаќаат од џеб. Ваквата пракса е поразителна за здравствените политики, бидејќи според позитивните законски прописи пациентите со дијагноза карцином формално-правно треба да се лекуваат бесплатно. Во реалноста тие плаќаат мамографски прегледи нон-стоп.
Извештајот на Државниот завод за ревизија покажа дека иако долго време се спроведуваат програми за скрининг за рак на дојка, во услови на ограничени буџети, тие сè уште недоволно ја покриваат целната популација, ниту пак обезбедуваат навремена дијагностика, што значи дека немаат забележителен системски придонес за рано откривање на малигните заболувања, како и за намалување на морталитетот. Опфатот на скринингот на рак на дојка се движи од 0,8 проценти до 5,4 проценти.


