Психијатриска болница „Бардовци“, Фото: Архива

Пациент без државјанство живее во болницата во Бардовци – нема каде да оди, а должи 3.000 евра

3.000 евра изнесуваат вкупните трошоци за шестмесечното лекување за 56-годишен пациент во болницата во Бардовци, кој, иако е роден во Македонија, сепак нема македонски државјанство, а со тоа ниту здравствено осигурување, објави ТВ „24“.

Од болницата велат дека социјален работник уште во март годинава почнал процедура за регулирање на личните документи на човекот, со цел да му се обезбеди здравствено осигурување.

„Во однос на исхрана и нега, во нашата болница на пациентот му се пружа најмногу во рамките на можностите. На сметка на болницата е често испраќан на дијагностички испитувања во други болници, бидејќи неговото семејство одбива да го земе пациентот“, велат од психијатриската болница „Скопје“.

Во моментот кога го примиле пациентот, надлежните велат тој би со запуштен надворешен изглед и лоша лична хигиена, делувал дезориентирано, раздвижено, и не одговарал на поставени прашања и не било возможно воспоставување на вербален контакт. Сега, иако индикациите за психијатриско лекување престанеле, сепак пациентот бил задржан во болницата исклучително поради социјални причини.

„Пациентот пред приемот во болницата живеел како бездомник 20 години наназад. Според негово кажување, спиел во недоизградени згради и живеел од милоста на другите луѓе, без адреса на живеење и без лични документи. Повремено ги посетувал ќерката и синот, а алкохол консумирал во прекумерни количини. Поради неуредниот начин на живот, на сегашната возраст од 55 години, веќе има сериозни здравствени проблеми кои бараат третман од други здравствени специјалности“, велат од болницата.

Од полицијата за ТВ „24“ информирале дека од 6 август годинава на човекот му бил одобрен едногодишен привремен престој во Македонија и дека работат и на изработка на лична карта за странец. За да добие државјанство пак, од МВР велат дека неговото семејство треба да ја почне постапката од почеток – со поднесување на целосна документација.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот