Паб посветен на Хемингвеј уништен во рускиот напад на Харков

Уништен паб во Харков посветен на Хемингвеј/ Фото Би-Би-Си принтскрин

„Никогаш нема да пиеш сам“ беа зборовите кои висеа над барот во „Олд Хем“, популарен паб во источниот украински град Харков.

Пабот е именуван по Ернест Хемингвеј, а посетителите поминувале покрај статуата на легендарниот американски писател додека влегувале во него.

Местото било популарно меѓу младите креативци во градот, а Серхи Жадан, еден од најпознатите поети во Украина, често настапувал и пиел во пабот.

Но, сега „Олд Хем“ е во урнатини.

Тој беше целосно уништен за време на руското гранатирање на градот. Обвинителството во Харков соопшти дека две лица загинале во нападот.

Сопственикот на барот, Константин Кутс, изјави за Би-Би-Си дека немало персонал во барот кога се случил нападот, а оние кои загинале биле во становите над пабот.

„Олд Хем“ не точеше пиво и се претвори во импровизирано засолниште за бомби откако руската армија ја нападна Украина на 24 февруари, вели Кутс.

Тој првично се надевал дека пабот само накратко ќе затворел.

„Не верувавме целосно во она што се случува и се надевавме дека барот наскоро ќе проработи. Но илузиите беа уништени со првите бомби на станбените згради“, рече тој во пораката.

Во раните денови на инвазијата, Харков возврати на руската оклопна колона. Оттогаш, тој трпи ноќни воздушни напади и гранатирања, при што загинаа десетици цивили, а стотици беа повредени.

Неколку недели пред инвазијата, г-дин Кутс вели дека во барот било како и порано.

„Атмосферата беше пријателска. Многумина се чувствуваа како дома во барот“, вели тој. „Пабот беше популарен меѓу младите, а сите беа оптимисти и не веруваа во војна“.

Оваа домашна атмосфера беше онаа што „Олд Хем“ ја создаде во текот на претходната деценија.

Кутс вели дека пабот бил отворен во 2012 година како место каде што луѓето можеле „да се сретнат и да разговараат за актуелните работи со чаша пиво“.

ВИДЕО: Жесток напад врз Харков, Русите стрелаат врз градот со сите оружја

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот