Овој преглед немојте да го правите барем четири недели по вакцинирањето

Скопје, 17 февруари 2021 / Фото: Драган Митрески - Слободен печат.

Центрите за контрола и превенција на болести сугерираат дека би требало со мамографија да почекате 4-6 недели по вакцинацијата, за да ги избегнете погрешните дијагнози.

Откако ќе се вакцинирате против ковид-19, можеби ќе посакате веднаш да посетите лекар за да ги направите сите тестови што сте ги одложиле. Но, според Центрите за контрола и превенција на болести (ЦДЦ), постои причина зошто некои работи треба да се прескокнат и да се почека барем четири недели откако ќе ја примите последната доза на вакцина. Експертите велат дека ова се однесува на мамографијата, бидејќи по вакцинацијата, може да дојде до отекување на лимфните јазли, кои може да бидат погрешно заменети за рак. На веб-страницата на ЦДЦ пишува дека би требало со овој преглед да почекате 4-6 недели по вакцинацијата.

„Луѓето кои примиле вакцина можат да забележат дека им се формирал јазол под пазувите, во близина на местото каде што се вакцинирани. Станува збор за нормална последица на вакцината која открива дека во телото се создава заштита од болеста“, стои на веб-страницата на ЦДЦ. Како што се наведува и во магазинот „Форбс“, ова е честа последица од вакцинацијата и кај мажите и кај жените. Тоа само значи дека шансите за лажно позитивен наод се многу поголеми.

НЕ ОДЛОЖУВАЈТЕ ЈА МАМОГРАФИЈАТА ПОДОЛГО ОД ШЕСТ НЕДЕЛИ

Паметно е да почекате одредено време за да одите на мамографија, но нема причина веќе денес да не закажете преглед во тој период. Радиолозите неодамна посочија дека пациентките не треба да ја одложуваат мамографијата или вакцинацијата, особено ако тоа доведе до уште подолго одложување или целосно занемарување на прегледот.

НЕ ПАНИЧЕТЕ АКО НА МАМОГРАФОТ СЕ ПОЈАВИ ГРУТКА

Дури и ако сте чекале шест недели за да направите мамографија, понекогаш може да се појави грутка на наодот којашто е, всушност, резултат на вакцинацијата. Не паничете, особено ако имате семејна историја на рак на дојка.
Радиолозите велат дека во тој случај, лекарите советуваат прегледот да се повтори по два или три месеци за лимфните јазли да можат да се вратат во нормала. Лекарот веројатно поретко ќе препорача биопсија, бидејќи може да дојде до гореспоменатата грешка.

НЕ ОДЛОЖУВАЈТЕ ЈА МАМОГРАФИЈАТА АКО СТЕ ЗАГРОЗЕНА ГРУПА

Додека лекарите бараат од жените да ја одложат мамографијата за неколку недели, тие исто така ги молат и оние кои се во ризичната група да не ги прескокнуваат и да не ги одложуваат.
Ракот на дојка не боли, препознајте ги симптомите навреме
Треба да се знаат можните знаци и симптоми, кои укажуваат на промени во дојката (можеби и на рак), како што се:
• јазол или задебелување на дојката што на допир се чувствува поинаку во однос на околното ткиво;
• промени во големината, обликот и изгледот на градите;
• промени на кожата на дојката, како на пример, темна кожа;
• вовлечени брадавици;
• лупење на пигментираниот дел од кожата околу брадавицата или кожата на дојката;
• црвенило и збрчкана кожа, како кора од портокал;
• исцедок од брадавицата;
• болка во градите или во брадавиците.
Ако забележите кој било од овие симптоми, обратете се кај лекар.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот