„Ова ќе потрае“: Мицкоски најавува нови чекори и ветува дека за граѓаните „нема да биде страшно“

Фото: ТВ Телма/принтскрин

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вели дека опозицијата подготвува и други чекори, покрај „активната блокада“ на Собранието.

– Ова ќе потрае. Имаме многу проблеми, а владата нема капацитет. Затоа ова што го правиме е легитимно и нормално и да бараме предвремени избори. Ние не ги блокираме законите кои што се во интерес на граѓаните, а тоа се повисоки плати и пензии, подобар стандард. Сѐ останато, како што беше автентичното мислење за Законот за игрите на среќа, ќе биде блокирано, рече Мицкоски во емисијата „Топ тема“ на ТВ Телма.

Мицкоски вели дека не смета оти се однесуваат себично. Блокадата на собранието, според него, не се прави за да се уцени Владата да распише предвремени парламентарни избори.

– Прво, тоа не е дел од мојот карактер. Второ, претпоставувам дека тој прави реминисценција на едни други времиња кога во 2014, 2015, еден друг политичар го уценуваше тогашниот премиер. Јас не сум таков човек, јас немам намера никого да уценувам, тврди Мицкоски.

Тој е подготвен во секој момент да седне на маса и да разговара за сите теми со Ковачевски, „но на тие средби ќе мора да се разговара и за предвремени избори“.

„Не треба сега да се пазариме, ова не е шведска маса, ова се проблемите кои што ги констатиравме, ниту јас, ниту Ковачевски има време на претек да се седи сега и да се разговара секој ден по десет пати на различни теми. Ќе седнеме еден, два, три денови, колку е потребно, и ќе разговараме на сите теми. Јас немам проблем да разговарам за сѐ, но морам да разговарам и за предвремени парламентарни избори, прво затоа што тоа народот го очекува тоа од нас, второ затоа што огромно мнозинство од граѓаните, повеќе од 75 проценти, велат дека државата оди во погрешна насока и оваа влада мора да си замине. Ако ми верувате, на сите истражувања поддршката за владата е едноцифрена, што значи дека и оние природно што ги подржуваат другите коалициски партии, како ДУИ, Алтернатива или помалите партии во коалицијата, ниту тие не ја поддржуваат владата“, рече Мицкоски.

Тој не откри кои се наредните чекори кои ги најавува.

-Не би било стратегија ако ние јавно секој чекор го кажуваме. За граѓаните нема да биде страшно, но ќе биде страшно за политичарите од власта и ќе треба да одговорат на многу прашања. Долго време чекавме, бевме многу внимателни. Граѓаните дури ни велеа: Зошто сте толку мирни?. Некои ни велеа: Добивте општини и сега си уживате. Но, не сме сите исти. Сакаме да обезбедиме стабилност. Неколкупати подавам рака до премиерот, откри Мицкоски за што разговарал со граѓаните, од кои, како што вели, „90% барале од него да преземат нешто како партија“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот