ОТВОРЕТЕ ОЧИ: Продавате нешто на оглас? Внимавајте, доаѓаат и купуваат со лажни евра и денари

евра
Евра / Фото: EPA-EFE/STEPHANIE LECOCQ

Според наши соговорници, истражители од полицијата, веќе се трага по одредена група на интернет купувачи за кои се знае дека користат професионално испечатени лажни евра, а сумата за која прелажале продавачи се верува дека надминува над неколку илјади евра.

Скопјанецот Коста Цветановски преку интернет оглас продавал телефон „ајфон“. Ни во најлош сон не можел да претпостави дека овој оглас за малку можело да го чини пријава и да одговара пред законот. Според неговото трвдење, му се јавил маж кој се заинтересирал за телефонот. Се договориле каде да се најдат за да клиентот го види телефонот и ако му одговара да го купи. За брзо време по средбата паднал договор. Бидејќи немал доволна сума на денари, на Цветановски му платил дел во денари, а дел во евра. Во случајов му дал банкота од 100 евра. По неколку часа, Цветановски отишол во банка да си плати сметки и притоа сакал да ги смени еврата во денари. Откако и ја дал банкнотата на вработена во банката, таа под специјален уред рутински ја проверила дали е оригинал или не, при што било откриено дека станува збор за добар фалсификат на банкнота од 100 евра, сума за која останал покус Цветановски.

Цветановски не е единствениот кој е измамен на ваков начин, за што сведочат повеќе лица и на социјалните мрежи. Според наши соговорници, истражители од полицијата, веќе се трага по одредена група на интернет купувачи за кои се знае дека користат професионално испечатени лажни евра, а сумата за која прелажале продавачи се верува дека надминува над неколку илјади евра.

Од МВР велат дека во предновогодишниот период имало серија на обиди да се пазари или да се разменат лажни евра, но и денари.

– Само во месец декември од наша страна се евидентирани десетина обиди со лажни евра, но и денари да се изврши пазарење во продавници, или лажните банкноти да се употребат за игра во казина. За дел од случаите е дознаено откако, на пример, во Струмица беше пријавено дека во маркет лице употребило фалсификувана банкнота од 2.000 денари за да пазари, а вработена во казино во Гостивар пријавила дека додека била на своето работно место, едно лице и дало банкнота од 500 евра да ја замени, а потоа ги однела парите во менувачница каде утврдиле дека парите се фалсификувани. Апелираме до сите граѓани да внимаваат кога од друг познат или непознат добиваат пари на рака, бидејќи може да бидат измамени и да добијат лажни банкноти. Апелираме до граѓаните да разменуваат пари и девизи само во менувачници или во банки – велат од полицијата.

Од разговорот со Дејан Стојчески, сопственикот на менувачницата „Еми“ во Скопје дознаваме дека минатата година имало голем број на обиди на граѓани кои сакале да сменат лажни-фалсификувани банкноти.

– Најчесто граѓаните кои приложуваа фалсификувани пари за размена не беа свесни дека поседуваат лажни пари. Најчесто тоа беа банкноти од 50 и 100 евра. Кога ќе дознаеја дека банкнотата е лажна, луѓето ги фаќаше паника, се засрамуваа. Многу често се случува и млади луѓе да употребат лажни банкноти од 500, 1.000 или 2.000 денари за да купат девизи. Од колеги во оваа бранша имам дознаено, но и од свое искуство, тие кои сакаат да подметнат повеќе лажни банкноти на денари или евра тоа го прават со поголема сума на пари за да ние немаме време да ги проверуваме сите бакноти една по друга. Во земјава се користат и доста добри фалсификати на бакноти од 50 и 100 евра. Имам сознанија дека за нив се плаќа половина од вредноста на бакнотата и дека на прв контакт со истите може и најдобриот банкар да биде измамен. Единствена опција за да бидат навреме откриени е со помош на УВ-светло, со кое се утврдува дали бакнотата ги има сите заштитни жигови – вели Дејан Стојчески.

Дека Македонија е погодна територија за уфрлување на лажни банкноти говори и неодамнешната акција на полицијата која уапси две лица од Камерун, од кои едниот жител на Франција, а другиот на Луксембург кај кои при личен претрес на багажот се откриени 3.744 парчиња црна хартија исечени со идентична големина како оригинални евро банкноти со видлив принт на пари од по 50, 100, 200 и 500 евра.

Кај вториот осомничен, пак, биле пронајдени 5.632 парчиња бела хартија исечени со идентична големина како оригинални евро банкноти со видлив принт на пари од по 50, 100, 200 и 500 евра, како и 78 парчиња хартија без ознака. Вкупниот износ на фалсификуваните евро банкноти во рана фаза за изработка изнесувал 902.150 евра. Кај осомничените биле пронајдени и две шишиња со течност, едното со жолтеникава, а другото со темно-црвена боја, кои се користат за диференцирање на обичната хартија од онаа на која се печатат банкноти, како и една УВ-ламба.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот