Отворено писмо на руски режисер за бојкотот: Русија беше избришана за миг

Камера, Фото: Pxhere

Додека руската агресија врз Украина остава трагични последици за украинскиот народ, малкумина ја земаат предвид пошироката слика. И тоа се однесува на самиот руски народ. Затоа што од Студената војна, Русија се нема најдено во изолација во каква што се наоѓа сега, погодена од економските санкции на западните земји.

Сепак, не се само економските санкции што ја ставаат Русија во еден вид осаменост. Поради инвазијата на Украина беше погодено сè што го носи белегот на Русија.  На нишан се и уметниците, не само оние кои сега се во полна сила, туку и оние кои толку ја збогатија светската култура, а одамна не се со нас, од Достоевски преку Чехов до Чајковски.

Затоа, американскиот „Deadline“ го покани познатиот руски режисер и продуцент да ја опише ситуацијата од негова перспектива. Од срцето на Русија. И тој се согласи, но под еден услов – да остане анонимен, со оглед на тоа што живее во земја каде што „Путин ја забрани слободата на говор и мисла“.

Колумната за „Deadline“ почнува со впечаток дека пред нешто повеќе од две недели пропадна светот за целата руска филмска индустрија.

„Се разбира, тоа никако не може да се спореди со она низ што минуваат нашите соседи и пријатели во Украина. Не е ни блиску. Не во „специјална операција“, туку во војна, како што ја нарекуваат оние Руси кои имаат некаква свест, туку преку шепот затоа што се плашат да не бидат прогонувани, има само еден агресор: Русија“, вели уметникот.

Но, не може да се избегне впечатокот дека оваа војна се води на два фронта. Едниот на територијата на Украина, а другиот во самата Русија, каде што функционерите ги нападнаа сопствените луѓе кои сами размислуваат:

„Во Русија секојдневно имаме жртви на растечката и доминантна пропагандна машинерија – а тоа се оние кои ги споделуваат интернет-мимовите на „новата насловна страница“ на Толстојовиот „Војна и мир“ наречена „Специјална операција и мир“. Тоа се сите оние кои излегуваат на улица ризикувајќи 15 години затвор само за мирна прошетка. Како и сите оние кои купиле билет во еден правец за Истанбул, Ереван и Хелсинки, единствените дестинации на кои можат да одат оттука за да размислат во мир што да прават понатаму или да ги остварат своите соништа на друго место, со само неколку стотици долари во џебовите, безвредни рубљи разменети во последен момент“, вака ја опишува ситуацијата во неговата земја.

ВИДЕО | Предлог воени филмови: Нешто за плачење, нешто за надеж

И додека наведува дека сите Руси се патриоти, тој предупредува на катастрофалните последици од сè што се случува:

„Сè што постигна целата генерација во последните десет години, сите оние мостови што беа изградени со колегите од Америка и Европа за да се направат поцврсти врски, но и да се живее во подобра Русија, онаа која е вистински дел од глобалното филмската индустрија, сега е поништена. Таа подобра Русија повеќе ја нема, таа беше избришана за миг, како и соништата на цела генерација филмски, музички и уметнички творци. Многумина од нив беа премногу млади за да гласаат за Путин кога тој првпат дојде на власт, а многумина сега прифатија дека битката за лична слобода е изгубена, оставајќи ги своите животи на полициската држава. Слободата на говор претрпе тежок удар во Русија. Затворски казни се изрекуваат за ширење „лажни вести“. А филмската слобода заврши во гроб. За сите нас кои сè уште сме во Русија, кои се плашиме за безбедноста на нашите семејства, немаме друг избор освен да молчиме или да зборуваме анонимно“, продолжи тој.

Уметникот потоа се осврнува на бојкотот што руската култура го доживува од почетокот на инвазијата на Украина, истакнувајќи дека тоа не е фер:

„Се бојкотира сè што има врска со Русија. Дури и оние од нас кои со години ја користат уметноста како форма на протест против режимот на Путин со надеж дека таа ќе ги обедини луѓето и ќе ги прошири нивните хоризонти. Во еден момент, филмот на рускиот автор, во опозиција, беше пречекан со раширени раце ширум светот. На бојкот сме изложени и сите ние кои се грижиме во која насока ќе тргне Русија во иднина. И сега, живеејќи во тоталитарен режим, се наоѓаме во ситуација да нè бојкотира од двете страни“, вели рускиот уметник.

Нуклеарна војна: Кое е совршеното засолниште на планетата?

Иако признава дека секој граѓанин на Русија, на некој начин, е одговорен за сè што се случува, затоа што биле задушени, биле погодени од „стокхолмскиот синдром“, тие не се спротивставиле доволно гласно на системот, ниту пак изразиле револт на улиците пред тоа да „стане нелегално“, сепак апелира:

„Не треба да бидеме казнети бидејќи во еден момент верувавме дека има шанса да најдеме рамнотежа во „сивата зона“. Пред нашата земја да стане еден голем затвор, се чинеше можно да се претстави „подобрата, поубавата страна на Русија“ преку филмовите што ги снимавме. Не се срамам што сум од Русија и никогаш нема да се срамам. Русија е земја со голема историја и одлична култура. Но, се срамам што агресорите и оние кои одлучуваат во име на целиот народ се Руси. Не го заслужуваат тоа!“.

Тој потсетува дека светот би бил „драматично поинаков“ без руската култура. Затоа не е лошо да се потсетиме дека Борис Пастернак бил принуден да го „прошверцува“ своето дело „Доктор Живаго“, кое првпат беше објавено во Италија, а според кое Дејвид Лин во 1965 година ќе го сними наградуваниот филм со истото име.

Или дека Сергеј Ејзенштајн се крена против системот и самиот Сталин. Последното достигнување во неговиот опус „Иван Грозни“, кој почна да го снима по наговор на самиот Сталин во 1942 година, беше прикажано две години подоцна и дури беше крунисан со Сталиновата награда. Но, веќе во вториот дел од историскиот спектакл, во кој рускиот цар го игра Николај Черкасов, Ејзенштајн си даде „премногу слобода“, пренесувајќи ја на големото платно сета суровост на Иван Грозни, самата природа на моќта и тиранија, а со тоа и критика на сталинизмот. И, се разбира, вториот дел од филмот заврши во бункерот, а за прв пат беше прикажан дури во 1958 година, по смртта на Сталин.

Умберто Еко: Како да препознаете фашисти?

Да се сетиме и на Тарковски, кој создаде сосема нов филмски јазик, за вешто да ја избегне цензурата.

„Јас не сум советски дисидент, ниту сум во конфликт со советските власти, но ако сега се вратам дома, немаше да имам работа“, изјави Андреј Тарковски на прес-конференција во Милано во 1984 година.

Оттука, анонимниот руски филмаџија наведува дека Русија влегува во нова ера на провладина филмска пропаганда:

„Кинематографијата е целосно под контрола на државата. И ова не е прв пат во руската историја. Но, треба да се поддржат оние кои сè уште се гласни и со тоа преземаат голем ризик. Ако една заедница е позната по тоа што се залага за слобода, тоа е филмската заедница. Неопходно е да ни се даде шанса да ги претставиме нашите филмови пред публиката ширум светот, бидејќи таа шанса ни беше ускратена дома. Не станува збор за црвените килими, туку за потребата да се шири пораката. Уметноста останува моќна и влијателна алатка, без разлика колку се темни времињата. Сега е време да се обединиме, бидејќи ако нашиот филм, театар, музика можат да убедат барем еден човек дека не е сам и дека отпорот се уште постои, тогаш сме чекор поблиску до преземање на нашата земја, барем во однос на слободата. И не можеме сами, без помош на западниот свет!“, завршува уметникот.

Директорката на московскиот државен театар поднесе оставка: „Не можам да работам за убиец“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот