Отворено писмо на проф. д-р Владо Ванковски за случувањата во Стоматолошката комора: Кој го советува овој министер?

Последниве случувања со Стоматолошката комора на Македонија (СКМ) и прес-конференцијата на министерот за здравство ме потикнаа за мое јавување во врска со ова срамно, аматерско и недоветно настапување на Mинистерството за здравство.

Во стоматологијата бев присутен 40 години. Трагот што го оставив (ако го оставив) не знам колку беше впечатлив но пред Бога велам дека беше чесен, добронамерен и искрен, во интерес на здравството и државата. Во овие 40 години бев професор на Стоматолошкиот факултет, продекан, декан, ректор на универзитет, директор на Стоматолошкиот клинички центар „Св. Пантејлемон“ во Скопје и претседател на Стоматолошка Комора на Македонија од 2006-2010. Мислам дека друго ништо не остана. Ова последново ме натера на овој министер да му „помогнам“ за да го обезличиме пресот до крај!

Според законот за здравствена заштита од 2004 година, коморите (лекарската, фармацевската и стоматолошката) го добија правото за едукација на своите членови. Но, тие не можеа да ја извршуваат туку само да ја организираат едукацијата.

Извршувањето на едукацијата почна од „мое време“ и го правеа Македонското стоматолошко друштво, сите здруженија и специјалисти под него, Здружението на албанските стоматолошки комори во Македонија и Стоматолошкиот факултет. Ова функционираше од 2007 досега. Сегашниов министер и неговите комисии констатирале дека овие институции кои функционирале во бившата држава не биле регистрирани.

Кој го советува овој „министер”?

Следи нова несоодветна изјава: „Министерзтвото времено ги одзема ингеренциите на Стоматолошката комора на Македонија“.

За да ги одземе ингеренциите треба прво да укаже на неправилностите и да бара тие за 7 дена да се отстранат. Ако тоа не го стори комората, министерот со објава во Службен Весник ѝ ги одзема ингеренциите на Комората. „Времено“ во законот не постои.

Во Македонија има околу 3.000 стоматолози, интересот за раководење со неа е огромен.

Знаејќи ги нашите способности и афинитети барем половина од стоматолозите (1.500) би сакале да седнат на чело сметајќи се кадарни. Но, тоа не се прави на овој бесрамен начин. Почнувајќи од Статутот, па до последната одредба во Комората е на располагање на министерот. Нема Статут ако тој не го одобри.

Ниту еден министер за здравство вака лесно не се одлучил да одземе ингеренции.

Посебно овој министер мора да знае што значи „одземени ингеренции“.

Воедно многу сум изненаден и од поддршката што ја добил министерот од Македонското стоматолошко друштво (кое го смета за невалидно), од Стоматолишкиот факултет во Скопје и во Тетово. И покрај тоа што морал не се продаваше, во некое гранапче на крајот од градот можевме да си поткупиме… Но, откако политиката се вмеша во најмалата и последна клетка, отиде и Комората и здравството и докторите и пациентите и образот на министерот.

Министерот ако е доблесен треба да ги објави извештаите на „неговите стручни“ комисии, поточно да го објави незаконското работење, неговите „индиции“ се многу несериозен израз. Мене многу ме изненадува еден човек кој се бави со егзактна струка вели дека има „индиции за вирус во компјутерот“.

Проф. д-р Владо Ванковски

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот