Хируршка клиника / Фото: Слободен печат/ Драган Митрески

Отворено е целосно реновирано одделение на Клиниката за трауматологија

Директорот на ТОАРИЛУЦ, Игор Мерџаноски, најави дека следуваат проекти за обновување на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување (КАРИЛ) и оперативниот блок, како и набавка на најсовремена роботска апаратура за спиналниот центар.

Целосно реновиран болнички оддел е отворен денеска на Универзитетската клиника за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација, интензивно лекување и ургентен центар (ТОАРИЛУЦ).

Одделот денеска го посетија премиерот Христијан Мицкоски, министерот за здравство, Азир Алиу, и заменик-министерот за здравство, Јовица Андовски.

Директорот на ТОАРИЛУЦ, Игор Мерџаноски, изјави дека реновирањето на болничкиот оддел претставува значаен чекор напред во подобрувањето на здравствената заштита на пациентите.

– Со оваа инвестиција не само што добиваме современ и функционален простор, туку создадовме услови за највисоките медицински стандарди за подобра дијагностика, побрзо лекување и за поголема удобност на пациентите. Денеска испраќаме порака дека грижата за човекот е во сржта на нашата работа. Нашите пациенти заслужуваат современи услови и највисок квалитет на услуга, а нашите лекари и медицински сестри заслужуваат средина во која можат да ја покажат својата професионалност и хуманост во најдобро светло. Со отворањето на целосно реновиран болнички оддел на ТОАРИЛУЦ правиме чекор кон помодерно, похумано и поефикасно здравство – рече директорот Мерџаноски.

Тој најави дека продолжуваат проектите за реновирање на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување (КАРИЛ) која ќе биде опремена со најсовремена апаратура за интензивно лекување, реновирање на оперативниот блок, а во следната година спиналниот центар за операции на рбетен столб ќе добие најнова апаратура со навигација со автоматизирана роботска рака со која ќе биде на мапата на светските центри за лекување на болестите на рбетниот столб.

Во тек е, посочи тој, набавка на најнова апратура од сопствени средства, Декса скен за дијагностика на остеопороза и густина на коската.

– Донесени се нови борили за операции, две анестезиолошки машини кои ќе ги заменат апаратите стари 20 години, најнов систем за вонтелесно прочистување на крвта, електро каутер за операции со аргон кој се користи при операции на тумори за безкрвно отворање на оперативното поле. Направен е сервис, оспособени се три рендген апарати кои беа надвор од функција и се набавува нов рендген, набавена е заштитна опрема од радијационо зрачење која со донација е за заштита на персоналот кој работи во оперативниот блок под рендген апарати. Седумгодишниот проблем со климатизацијата на оперативните сали на трауматологија е решен со поставување две клими за медицинска употреба со сите филтри кои ги задоволуваат стандардите. Набавени се со донација со што се намали бројот на инфекции од несоодветната климатизација. Ставен е нов елетростатски под во едната сала која не ги задоволуваше мерните стандарди – додаде д-р Мерџаноски.

Премиерот Мицкоски рече дека во здравството, по завршувањето на локалните избори, ќе се извршат сериозни структурни реформи бидејќи има чувство дека годишно се трошат околу една милијарда евра, а не се добива тоа што го заслужуваат граѓаните, пациентите и здравствените работници.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот