Отворена нова канцеларија на Управните служби на МВР во Ропотово
Во полициското одделение во прилепското село Ропотово денеска беше отворена нова канцеларија на Управните служби на МВР, каде граѓаните ќе можат да вадат лични документи. На отворањето присуствуваше и министерот Панче Тошковски, кој рече дека целта на отворањето на канцеларијата е да им се олесни на граѓаните да не патуваат во поголемите центри за да извадат документи, туку да можат тоа да го сторат во својата општина.
Препорачано
„Со оваа услуга овозможуваме 15.000 граѓани колку што припаѓаат на општина Долнени, заедно со граѓаните кои што се во дијаспората, ќе имаат право и можност сите оние услуги кои се поврзани со Управните служби – да се извади патна исправа, лична карта, возачка дозвола, ќе можат да си го остварат во рамки на својата општина, многу поблиску до нивните родни места, со што имаме двоен ефект – од една страна овозможуваме услугата да е многу поблиску до граѓаните, од друга страна Прилеп како централно место кое што претходно ги опслужуваше граѓаните на општина Долнени ќе се олесни со оние 15.000-на илјади луѓе кои сега ќе можат услугата да си ја остварат во рамки на својата општина“ рече Тошковски.
Ваков тип на Управни служби претходно беа отворени во Сарај, Липково, Јегуновце, Желино, Демир Капија и Брвеница. Тошковски рече дека Министерството за внатрешни работи разгледува можности за отворање на вакви канцеларии и на други населени места, каде што има потреба и услови за тоа.


