Отворен е 19. „Зимски салон“ на ДЛУМ

Синоќа во Националната галерија, во објектот Чифте амам, беше отворен 19-тиот „Зимски салон“, врвна ликовна манифестација организирана од Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ). Наградата „Гран при“ ја доби ликовниот уметник Страхил М. Петровски со делото „Лимитиран свет“. Овогодинешната тема на изложбата е „Повторно поврзување, обновување, воздигнување, реконструирање“.

Со „Лимитиран свет“, дело изработено со комбинирана техника на панел/видео, Петровски заедно со престижната награда ја добива и шансата за престој во македонското ателје „Citѐ des arts“ во Париз, што воедно е и амбасадорска улога за државата. Овој визуелен уметник е роден во Куманово во 1974 година. Дипломирал сликарство на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, а во 2000 година магистрира, по што работи како советник конзерватор-реставратор во НУ Национален конзерваторски центар во Скопје.

На отворањето на изложбата се обратија министерката за култура, Бисера Костадиновска Стојчевска, амбасадорката на Романија во Скопје, Н.Е. Адела Моника Аксинте, и кураторот на изложбата Анка Боериу, романска професорка на Националниот Универзитет за уметности во Букурешт, како и Филип Фидановски, претседател на ДЛУМ.

Кураторката Боериу нагласи дека изборот за добитник на наградата бил тежок, па за умешноста во нивните творби, покрај Петровски беа спомнати и имињата на Вана Урошевиќ, Мице Јанкуловски и Златко Бојковски. Додаде и дека низ делата се гледа желбата на уметниците „да откриваат нови форми на работа, да го претстават патот од традиционалното до модерното преку употреба на дигитални или мултимедијални техники, особено во периодот на актуелните општествени прашања, прашањата поврзани со еднаквоста и слободата на изразување“.

– Деветнаесеттиот ликовен салон, несомнено, е уште еден уникатен момент во континуитетот на ликовната сцена во која се отвора дијалог меѓу локалното и глобалното, меѓу традиционалните техники и новите медиуми. „Зимскиот салон“ со своите теми е провокација за уметниците, кои секогаш биле коректив на општеството. Делата отворено зборуваат и ги демистифицираат сите теми, па и оние за кои јавноста само шепоти. Подоцна, вредноста на тие дела останува вредност што сите ние ја поседуваме. Затоа, за нас, за публиката, оваа изложба е празник на уметноста – рече министерката Бисера Костадиновска Стојчевска.

Со свои дела на изложбата се претставија 42 уметници од Македонија, а од страна на Боериу беа поканети и пет автори гости од Романија: Марија Петку Чиоибас, Мирела Траистару, Патриција Теодореску, Ралукалариа Деметреску и Река Цсапо Дуп.

Меѓу македонските учесници се Страхил М. Петровски, Коле Манев, Вана Урошевиќ, Кирил Гегоски, Татјана Манева, Никола Пијанманов, Илина Арсова, Филип Фидановски, Шќипе Мехмети, Валентина Илијевска, Жаклина Глигориевска Кочоска, Слободан Живковски, Пандора Апостолоска Саздовска, Златко Бојковски, Христина Зафировска, Стефан Димовски, Ацо Таневски, Мирослав Вељковиќ-Мишо, Јана Луловска, Ангелца Стоиљковиќ, Ивона Велковска, Марина Цветановска Мартиновска, Моника Десоска Каргова, Зуљеха Зубери Али, Бојана Артиновска Трпческа, Драган Верговски Алпи, Душан Георгиевски, Ангел Димовски Чауш, Сашо Саздовски, Слободан Милошески, Ненад Тонкин, Маја Танева, Нела Јанковска, Росица Лазеска, Дијана Томиќ Радевска, Ана Ивановска, Марија Мицова Гацова, Тања Таневска, Јана Манева Чупоска, Мице Јанкуловски, Ирена Паскали и Златко Глигоров.

Инаку, оваа манифестација е основана во 1991 година, како ликовна посебност со свои правила и критериуми, и се одликува со строга селекција на учесници, квалитетен каталог и соодветна медиумска покриеност. Поддржана е од Министерството за култура, што ја овозможува наградата „Гран при“ од 2003 година. Од 2006 година, ДЛУМ на „Зимски салон“ внесува конкретна тема како нов критериум, а во 2009 година, манифестацијата прераснува во меѓународна.

Изложбата на 19. „Зимски салон“ на ДЛУМ ќе биде отворена до 19-ти февруари во Чифте амам.

Видео на денот