Откриено жариштето на коронавирусот во Европа: Над 1.000 лица се заразиле тука, а властите молчеле заради профитот?

Ишгл, Австрија / EPA-EFE/STR AUSTRIA OUT

Првиот случај на заразата бил откриен на 6 март, но со денови сите се однесувале како ништо да не се случува.

Скијачкиот ресорт Ишгл во австриски Тирол, според пишувањата на австрискиот портал „Miss.at“ е местото каде стотици или дури и илјада луѓе се заразиле со коронавирусот, односно дека токму овој скијачки центар е жариштето на Ковид-19 во Европа.

Како почнало сè?

Постојат сомнежи дека сè започнало од ски барот, каде што посетителите од различни места на светот се заразиле со коронавирусот. Тоа ја потврдува информацијата од Данска, Шведска и Германија за новите позитивни пациенти на кои на сите им е една работа заедничка – наводно се вратиле од скијање на Ишгл. Откако се вратиле дома, почнале и самите тие да ја шират опасната зараза.

Тоа што е особено вознемирувачки е дека во целата оваа приказна има информација дека локалните власти во Ишгл биле предупредени многу претходно дека нивното подрачје е “зона на опасност“ и дека таму има сомнителни случаи, но и покрај тоа тие скијачите ги пуштале без никаков проблем или пак некаква контрола, а секојдневно доаѓале нови луѓе кои што не биле предупредувани од можната зараза.

Ишгл, Австрија / ФОТО: EPA-EFE/STR AUSTRIA OUT

Првото предупредување, веќе на 5-ти март дошло од Исланд. Исланд на 5-ти март ова подрачје го прогласил за зона на опасност и сите кои што оттаму се враќале во Исланд морале да поминат период од 14-дневна изолација. Во тој момент во Австрија имало 55 случаи на заразени од коронавирусот, а направени биле над 4.000 тестирања.

Како што наведуваат од австриските медиуми, првиот официјално заразен случај бил потврден на 6 март токму во Ишгл.

Меѓутоа, и покрај тоа, во ски центарот сè продолжило да се одвива во вообичаен тек, со многубројни скијачи кои секојдневно се собирале по тамошните барови. Во текот на последната седмица од скијачката сезона никој во Ишгл не сакал да се откаже од својата заработка, ниту властите, но ниту рестораните и баровите, па сè продолжило да тече по најнормален ред.

Ишгл, Австрија / ФОТО: EPA-EFE/STR AUSTRIA OUT

Сите податоци упатуваат на тоа дека првиот пациент заразен од коронавирусот во тамошниот ски центар бил од Норвешка кој работел како келнер. На 9 март се појавиле и нови случаи на заразени луѓе поради што се очекувало тамошните барови да се затворат. Меѓутоа, скијањето и забавата продолжиле и во наредните денови.

Цел Тирол предоцна ставен под карантин

Локалните власти продолжиле со несериозните постапки и ситуацијата продолжила да се одвива како и претходно. Меѓутоа, сега австриските власти апелираат дека сите луѓе кои што биле на скијање во Ишгл од 28-ми февруари, мора задолжително да бидат во самоизолација како и сите оние кои што биле во контакт со нив.

Ишгл, Австрија / EPA-EFE/STR AUSTRIA OUT

Апелот се однесува на сите, без разлика дали имаат симптоми на вирусот или пак не.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот