Визуелно решение за Универзална сала / Фото: Министерство за култура

Отфрлена последната жалба, „Универзал Балкан“ до декември 2027 година треба да ја изгради новата Универзална сала

Од Министерството за култура соопштија дека со отфрлањето на жалбата за последниот тендер, која била отфрлена како неоснована, се потврдила Одлуката за избор на најповолен понудувач – компанијата „Универзал Балкан“.

По долгогодишните одложувања, неуспешни тендери, промени на владенија и опожарување, конечно е потврдена последната Одлука за најповолна понуда, со што е избран изведувач за реновирањето и изградбата на новата Универзална сала, соопштија од Министерството за култура, а тоа ќе биде градежното друштво „Универзал Балкан“.

-Со особено задоволство ја информираме јавноста дека по долги години чекање и административни пречки, денес официјално можеме да објавиме: започнува реконструкцијата и модернизацијата на Универзалната сала – еден од најзначајните културни симболи на Скопје и на Македонија- информираат од Министерството.

Универзална сала „чека“ локални избори за да продолжи нејзината обнова

Изградбата на објектот беше целосно запрена две години, откако со ова Министерство раководи Зоран Љутков, поради недоследности во претходната постапка околу реконструкцијата на култниот градски објект. Дури минатото лето беше објавен тендер на кој се бараше фирма која ќе ја изгради Универзална. Во октомври од Министерството информираа дека е избрана фирмата што ќе ја реконструира салата – „Универзал Балкан“, но еден месец подоцна министерот Љутков соопшти дека сепак тендерот е неуспешен поради поднесените жалби и поплаки во однос на изведувачот.

-Минатата недела добивме известување од Комисијата за жалби дека тендерот за Универзална сала не помина бидејќи имаше одредена жалба и поплака во однос на изведувачот, единствениот кој беше. Според мене, не е суштински проблемот, но како и да е, има известување од Комисијата за жалби. Ова реално ќе ја одолговлечи работата за уште некои два месеца оти постапката сега ќе трае малку пократко, бидејќи онаа фаза во која го изработувавме тендерот траеше 15 до 20 дена, а кон таа фаза нема забелешки, рече тој.

Пропадна тендерот за Универзална сала, има жалба за изведувачот

Потоа, во декември 2025 година повторно беше објавен тендер, кој траеше до 23 јануари, а на овој повик пристигнале две понуди, а како што тогаш посочија од Министерството за „Слободен печат“, по завршувањето на жалбената постапка ќе се знае која од нив е прифатлива.

Одлуката повторено беше градежното друштво „Универзал Балкан“, по што другиот понудувач „Агровејст биотермал продукт“ ДОО Скопје поднесе жалба што беше усвоена од Комисијата, која донесе решение за поништување на Одлуката за избор на најповолна понуда од 24.02.2026 година на Министерството за култура и туризам и предметот беше вратен на повторно постапување и одлучување.

На 23 март оваа година Министерството за култура повторно направи евалуација и повторно како најповолна понуда ја одбра онаа на Универзал Балкан, но и на оваа одлука била поднесена жалба до Комисијата.

Универзална сала ќе добие нова конструкција и нова купола, уште да се пријави „мајсторот“

Денеска од Министерството соопштија дека оваа жалба била отфрлена како неоснована, со што се потврдила Одлуката за избор на најповолен понудувач, компанијата „Универзал Балкан“.

-Министерството за култура и туризам информира дека постапката за избор на изведувач за Универзална сала успешно е заокружена откако Државната комисија за жалби по јавни набавки ја одби како неоснована жалбата на економскиот оператор и го потврди изборот на најповолна понуда. Со ова се отстранува и последната правна пречка за почеток на градежните работи. Со решението дефинитивно се потврдува Одлуката за избор на најповолна понуда од 23.03.2026 година и е одбран конечен изведувач на проектот- изјавија од Министерството.

Оттаму додадоа дека проектот ќе се реализира по принципот „клуч на рака“, односно изведувачот треба да му го предаде објектот на Министерството целосно подготвен за употреба, а предвидениот рок за завршување на реконструкцијата е до декември 2027 година.

-Проектот се реализира по принципот „клуч на рака”, а реконструкцијата на Универзалната сала треба да заврши до декември 2027 година. Ова е клучен проект во рамките на подготовките на Скопје за носењето на престижната титула – Европска престолнина на културата 2028. Со новиот лик на Универзална, Скопје ќе добие модерна, функционална и репрезентативна културна институција која ќе биде домаќин на врвни театарски претстави, концерти, фестивали и големи културни настани. Ова е инвестиција во иднината на македонската култура, инвестиција во нашите уметници, во нашата публика и во идните генерации- се вели во соопштението.

Универзална Сала - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Универзална Сала – Фото Слободен печат – Методи Здравев

Фирмата „Универзал Балкан“ која треба да ја изгради новата сала всушност е истата која од почетокот работи на реконструкција на Универзална и која првично беше ангажирана од Град Скопје, а потоа повторно беше избрана од Министерството, кога таа институција ја доби надлежноста за реконструкцијата на Универзална сала.

Новата Универзална сала е предвидено да ја задржи постојната форма, но ќе биде целосно модернизирана со капацитет од 1.200 седишта, современа акустика и нови технолошки системи. За да се подобри структурната стабилност на објектот и да се зголеми енергетската ефикасност на објектот, како што е прецизирано во тендерот, планирано е изработка на нова челична конструкција со изведба на нови темели за новите столбови, нова челична конструкција за куполата, изработка на нова фасадна облога, покривање на куполата со нови енергетско-ефикасни материјали, но и проверка на јакоста на постојната бетонска и на употребливите елементи од постојната челична конструкција.

Според пресметките на Министерството за култура и туризам, прикажани во документацијата на јавниот повик, за оваа намена ќе се потрошат 1.179.987.929 денари, односно нешто повеќе од 19 милиони евра.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот