Осврт кон концертот на култната група: „Мизар“ во фантастичен ритам
Големиот македонски бенд и бренд „Мизар“ на 3 април во Македонската филхармонија одржа ексклузивен и интимен концерт со специјална „бест оф“ програма, која опфати теми создадени во изминативе 45 години.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Вистинско емотивно доживување беше концертот на групата „Мизар“ во Скопје. Во организација на „Авалон продукција“ под мотото „Најдоброто од Македонија“, на концертот беа изведени теми од целиот опус на еден од најкултните бендови, не само во македонската музика, туку и во македонската култура.
Седмото откровение на групата донесе ново аранжманско освежување на познати нумери и нови ликови меѓу изведувачите. Кормилото и понатаму цврсто го држи Горазд Чаповски верно следен од Илија Стојановски.
Богатото музичко наследство создадено со албумите „Мизар“, „Кобна убавина“, „Свјат Dreams“, „Детето и Белото море“, „Поглед кон цветната градина“, „Вечна празнина“ многу блиску до срцето го примија новиот главен вокал Нико Ѓоргиевски и актуелните музичари во бендот Александар Ристовски – Принц, Пеце Китановски, Драган Теодосиев.
Концертот беше отворен со инспирацијата од православното музичко наследство олицетворено во темите „Псалм 135“ и „Ходен же“, каде што главните вокали ги исполнува хорот „Хармосини“.

Публиката гладно го голташе секој звук и секој стих што доаѓаше од сцената. Салата беше исполнета до последно место со публика од различни генерации, а при изведбата на теми од првиот албум се слушаше пеење на глас. Се редеа „Градот е нем“, „Униније“, „Магла“, „Дождот“, „Девојка од бронза“, „Истекувам“.
Двете специјални гостинки Тања Царовска и Тања Тас ги изведоа вокалите на „Думање“ и „Небо“, а двете заедно ја изведоа темата „Галеб“, како посвета на неодамна починатиот поет Тихомир Јанчовски, кој е автор на текстот. Беа изведени и песните што имаат култен статус „Константинопол“, „Почесна стрелба“ и „Сонце златно“.

Музиката на „Мизар“ нема рок на траење. Еднакво добро звучат и старите и новите теми. Песната „Вардар е Стикс“ има фантастичен ритам, додека „Грозомора“ го пробива својот пат до увото на слушателите. Изведени со потврд рок-звук, ги откриваат новите хоризонти на интерес на „Мизар“.

По два часа тотален звук и фантастичен ритам, концертот заврши со бис на кој уште еднаш беа изведени „Градот е нем“ и „Галеб“. Емотивен крај што отвора предизвик повторно и повторно да се преслушаат сите албуми на култните „Мизар“, до некоја следна концертна изведба.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 328, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 10-13.4.2026)


