Жарко Грозданоски / Фото: социјални мрежи

Осомничениот убиец Грозданоски оди во притвор, се огласи неговиот син

53-годишниот Жарко Грозданоски од тетовското село Брвеница, кој е осомничен дека од користољубие го убил 76-годишниот охриѓанец Климе Митрески во неговиот дом ќе оди во притвор 30 дена, откако Судот го прифати барањето на обвинителството, објави „Канал 5“.

Обвинителството вчера официјално отвори истрага поради основано сомнение дека Грозданоски го удирал и со голи раце го задавил Митрески. Според ОЈО, осомничениот пред неколку дена дошол во куќата на Митрески, каде започнала кавга затоа што пензионерот презел чекори да го раскине договорот за доживотна издршка кој го имал склучено со Грозданоски, кој требало да добие вреден имот откако Митрески ќе почине. ОЈО вели дека Грозданоски од зад грб го нападнал пензионерот, го совладал на подот и со едната рака го удирал по главата, додека со другата му ги држел устата и носот за да го задуши. Откако се уверил дека Митрески е мртов, Грозданоски избегал. Според Обвинителството, за чинот што го извршил осомничениот убиец има снимки од домот на жртвата, но и надвор од него.

По апсењето на Грозданоски и вниманието кое го доби случајот, на социјалните мрежи се огласи синот на осомничениот убиец, Божидар Грозданоски, кој рече дека неговиот татко е предвреме осуден во јавноста.

„Чувствувам потреба јавно да изразам целосна поддршка за мојот татко, кој со години совесно, чесно и пожртвувано ја извршува својата лекарска професија. За жал, наместо разбирање и достоинство, сведоци сме на медиумски линч кој е најмалку потребен токму сега, кога поминуваме низ сериозна и чувствителна ситуација. Притоа, неправедно се занемаруваат стотиците луѓе на кои им помогнал, грижата што им ја пружил и животите кои ги спасил.“ пишува синот.

Жарко Грозданоски е еден од лидерите на движењето „Христијанско братство“ со седиште во Брвеница, формирано во 2015 година. Негови членови учествуваа во протестите што кулминираа со упадот во собранието на 27 април во 2017 година. На неговиот фејсбук-профил тој се претставува како магистер на медицински науки и автор на книгата „Одмазда“, кој го опишува како „трилер кој говори за темнината на човечкото срце“.
Во 2019 година, Грозданоски беше уапсен откако на социјалните мрежи објави видео во кое му се заканува на тогашниот премиер Зоран Заев и на членови на тогашната влада.

Убиство во Охрид – жртвата е пензионер, осомничениот убиец е уапсен на другиот крај од земјата

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот