Оскарите се селат од „Долби театарот“ – по две децении церемонијата ќе добие нова адреса
Доделувањето на Оскарите од 2029 година повеќе нема да се одржува во „Долби театарот“. Академијата за филмски уметности и науки и компанијата АЕГ објавија дека гламурозната церемонија, по повеќе од две децении во Холивуд, се сели во „Пикок театарот“ (Peacock Theater) во рамките на комплексот „L.A. Live“ во центарот на Лос Анџелес.
Препорачано
Иако наградата останува во истиот град, таа ја напушта салата која беше проектирана токму за неа. Промената на локацијата се совпаѓа со преминот на преносот од телевизиската мрежа ABC на Јутјуб. Телевизиската куќа во сопственост на „Дизни“ го пренесуваше доделувањето цели 50 години, но традиционалниот телевизиски формат ќе заврши со јубилејното 100-то доделување на Оскарите. Новото партнерство на Академијата со АЕГ ќе трае до 2039 година.

Поголем простор за повеќе гости
Преселбата во „Пикок театарот“, за кој се очекува дотогаш да го промени името, не е големо изненадување. Во таа голема сала веќе речиси две децении се доделуваат наградите „Еми“, уште од времето кога се викаше „Мајкрософт театар“, а пред тоа „Нокиа театар“.
Наградите „Греми“ обично се одржуваат во близина, во „Крипто.ком“ арената. Со капацитет од 7.100 седишта, „Пикок“ ќе може да угости значително поголем број од вкупно 11.000 членови на Академијата, за разлика од „Долби“ кој прима околу 3.400 луѓе. Комплексот „L.A. Live“ нуди и повеќе простор за придружните активности, црвениот тепих и продукцијата на преносот.
Ова не е првпат Оскарите да ја менуваат локацијата, ниту пак да се одржуваат во центарот на градот. Првата церемонија била одржана во 1927 година во хотелот „Hollywood Roosevelt“, дијагонално од денешниот „Долби театар“. Низ годините, статуетката се доделувала во хотелите „Милениум Билтмор“ и „Амбасадор“, како и во „Кинескиот театар на Грауман“, а со години локацијата се менувала меѓу „Шрајн аудиториум“ и „Дороти Чендлер павилјон“.


