Оскари 2024: Триумф на „Опенхајмер“, освои дури седум статуетки на престижните филмски награди

Фото: EPA-EFE/ALLISON DINNER

Биографската драма „Опенхајмер“ е апсолутен победник на 96. издание на свеченото доделување на филмските награди Оскари, со кои Академијата за филмски уметности и науки ги награди најзаслужните имиња во филмската индустрија за изминатата година.

Приказната за Роберт Опенхајмер, американскиот физичар кој ја зазема водечката улога во решавањето на проблемите на создавањето на првата атомска бомба, беше номинирана за најголем број златни статуетки, дури 13, а успеа да победи во седум категории – најдобар филм, најдобра режија, најдобар актер во главна улога, најдобар актер во споредна улога, најдобра оригинална музика, најдобра кинематографија и најдобра филмска монтажа.

По осум номинации во последните 20 години, Кристофер Нолан го освои својот прв Оскар во својата режисерска кариера. Откако ги освои сите поважни статуетки во годинашната сезона на награди, тој беше главен фаворит за победа во оваа категорија и на Оскарите.

„Не знаеме каде ќе нè однесе ова неверојатно патување. Но, помислата дека, според вас, јас сум значаен дел од сè ова, за мене е многу важна“, изјави Нолан.

Нолан го искористи моментот да ѝ се заблагодари на сопругата, познатата продуцентка Ема Томас, на целата екипа која работеше на филмот „Опенхајмер“ и на шефицата на „Јуниверзал“, Дона Ленгли.

„Им благодарам на оние кои веруваа во мене во текот на целата моја кариера“, заклучи тој.

Кристофер Нолан / Фото: EPA-EFE/ALLISON DINNER

Килијан Марфи ја освои статуетката за најдобар актер во главна улога за неговата неверојатна изведба во „Опенхајмер“. Ова беше негова прва номинација на Оскарите, а воедно и прва победа.

„Направивме филм за човекот кој ја создаде атомската бомба и, за подобро или за полошо, сега живееме во светот на Опенхајмер. Затоа, би сакал да им го посветам ова на миротворците насекаде“, изјави тој.

Килијан Марфи / Фото: EPA-EFE/ALLISON DINNER

Што се однесува до категоријата за најдобар актер во споредна улога, тука триумфираше Роберт Дауни Помладиот, кој ја освои својата прва статуетка. Тој се заблагодари на неговото „страшно детство и на Академијата“.

„Исто така, сакам да ѝ се заблагодарам на својата ветеринарка. Извинете, на мојата сопруга Сузан Дауни. Таа ме пронајде како миленик во засолниште и ме сакаше толку многу што ме врати во живот. Затоа сум тука“, изјави тој.

Роберт Дауни Помладиот / Фото: EPA-EFE/ALLISON DINNER

Победата на Ема Стоун во категоријата за најдобра актерка во главна улога беше вистинско изненадување на вечерта. Таа ја победи актерката Лили Гледстон, која беше главен фаворит на годинашните Оскари, и ја освои статуетката за нејзината изведба во филмот „Кутри нешта“ на режисерот Јоргос Лантимос.

„Јас сум благодарна за улогата на Бела, која е мој животен подарок“, изјави Стоун, обраќајќи му се на целиот тим кој работеше на филмот „Кутри нешта“.

Да потсетиме, ова е втора победа на Стоун на Оскарите. Таа освои Оскар и за нејзината улога во филмот „Ла ла ленд“ во 2017 година.

Ема Стоун / Фото: EPA-EFE/ALLISON DINNER

Давајн Џој Рендолф го освои Оскарот за најдобра споредна женска улога за нејзината улога во драмата „Останатите“,

„Отсекогаш сакав да бидам поинаква и сега сфаќам дека само треба да бидам своја“, рече во својот говор расплаканата Рендолф.

Давајн Џој Рендолф / Фото: EPA-EFE/ALLISON DINNER

Водител на свечената церемонија беше комичарот Џими Кимел, кој им посака добредојде на сите присутни по „напроната година на штрајкови“ во Холивуд. Тој ги искритикува членовите на Академијата што не ја номинирале Грета Гервиг во категоријата за најдобар режисер, се пошегува за проблематичната историја на Дауни Помладиот, нарекувајќи ја ноќта „еден од неговите најдобри моменти“ и за навиката на Бредли Купер да ја зема мајка си со себе на свечени настани како што се Оскарите.

Во продолжение, прочитајте ги победниците во поважните категории на годинашните Оскари.

„Најдобар филм“

  • „Американска фикција“
  • „Анатомија на пад“
  • „Барби“
  • „Останатите“
  • „Убијците на цветната Месечина“
  • „Маестро“
  • „Опенхајмер“ – победник
  • „Минати животи“
  • „Кутри нешта“
  • „Зоната на интерес“

„Најдобра режија“

  • Џастин Трит, „Анатомија на пад“
  • Мартин Скорсезе, „Убијци на цветната Месечина“
  • Кристофер Нолан, „Опенхајмер“ – победник
  • Јоргос Лантимос, „Кутрите нешта“
  • Џонатан Глејзер, „Зоната на интерес“

„Најдобро адаптирано сценарио“

  • „Американска фикција“ – победник
  • „Барби“
  • „Опенхајмер“
  • „Кутри нешта“
  • „Зоната на интерес“

„Најдобро оригинално сценарио“

  • „Анатомија на пад“ – победник
  • „Останатите“
  • „Маестро“
  • „Мај декември“
  • „Минати животи“

„Најдобар актер во главна улога“

  • Бредли Купер, „Маестро“
  • Колман Доминго, „Растин“
  • Пол Џамати, „Останатите“
  • Килијан Марфи, „Опенхајмер“ – победник
  • Џефри Рајт, „Американска фикција“

„Најдобра актерка во главна улога“

  • Анет Бенинг, „Ниад“
  • Лили Гледстон, „Убијци на цветната Месечина“
  • Сандра Хулер, „Анатомија на падот“
  • Ема Стоун, „Кутри нешта“ – победник
  • Кери Малиган, „Маестро“

„Најдобар актер во споредна улога“

  • Стерлинг Браун, „Американска фикција“
  • Роберт де Ниро, „Убијци на цветната Месечина“
  • Роберт Дауни Џуниор, „Опенхајмер“ – победник
  • Рајан Гослинг, „Барби“
  • Марк Рафало, „Кутри нешта“

„Најдобра актерка во споредна улога“

  • Емили Блант, „Опенхајмер“
  • Даниел Брукс, „Виолетова боја“
  • Сандра Хулер, „Анатомија на падот“
  • Америка Ферера, „Барби“
  • Џоди Фосер, „Ниад“
  • Давајн Џој Рендолф, „Останатите“ – победник

„Најдобар документарец“

  • „Боби Вино: народниот претседател“
  • „Вечниот спомен“
  • „Четири ќерки“
  • „Да се убие тигар“
  • „20 дена во Мариупол“ – победник

„Најдобар анимиран филм“

  • „Момчето и чапјата“ – победник
  • „Елементал“
  • „Нимона“
  • „Роботски соништа“
  • „Човек-пајак: ширум пајак-вселената“

Целосната листа со победниците на годинашните Оскари може да ја прочитате тука.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот