Организацијата на потрошувачи нема пари за анализи на храната
Македонија има развиен систем за проверка, но секако можат да се пласираат производи што не се безбедни. Сепак, во земјава нема начин ваквите независни анализи да ги спроведуваат организациите на потрошувачи самостојно, бидејќи системот сè уште не е доволно зрел и по секоја анализа ќе се поставува прашањето кој платил и дали таа е нарачана, велат од ОПМ
Потрошувачките оганизации немаат пари за посериозно тестирање на одредени групи на производи, а со буџетските средства кои ги добиваат не можат да ги покријат ни основните функции, па дел од нив ги прават про боно. Таквата акција бара голема подготовка, купување на примероци и нивно носење во соодветна лабораторија, за утре да нема никаков сомнеж за целта на анлизата, вели за „Слободен печат“, Маријана Лончар Велкова, претседателка на Организацијата на потрошувачи.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
-За да бидеме сигурни во квалитетот на храната и другите производи што ги купуваме, потребни се што е можно повеќе независни анализи. Вакво тестирање одамна не е спроведено во земјава, бидејќи во нашиот буџет нема пари за такви цели. Средствата кои ги добиваме од државата за заштита на потрошувачите се минимални и главно нашите активности се про боно – додава претседателката на ОПМ.
Според Лончар Велкова, во Македонија нема начин ваквите независни анализи да ги спроведуваат организациите на потрошувачи самостојно, бидејќи системот сè уште не е доволно зрел и по секоја анализа ќе се поставува прашањето кој платил и дали таа е нарачана.
Граѓаните сè повеќе се интересираат за квалитетот на производите кои им се нудат и воопшто не им е гајле што се случува во некоја од европските земји.
-Треба да знаеме кој го прекршил законот тука и дали и колку бил казнет. Постојано читаме за отповикани производи во некоја од европските земји, а се чудиме зошто и кај нас нема посериозни анализи за да знаеме што ни сервираат увозниците не само на храна, туку и на другите производи – вели една наша сограѓанка.
Претседателката на ОПМ смета дека не смееме да бидеме индиферентни и на зачестените вести за производи со минат рок, кои се дури и антидатирани, а посочува и дека од европските регулатори стигнуваат вести за храна со премногу пестициди, недозволени хемикалии и слично… На прашањето може ли македонските граѓани да бидат сигурни во производите што ги купуваат, односно дали сè што е забрането се уништува или завршува на нашите трпези, таа оценува дека „имаме развиен систем за проверка, но секако можат да се пласираат производи што не се безбедни“.
– Познато е дека ЕУ има многу високи стандарди за безбедност на храната што во голема мера се должи на силното европско законодавство. Како дел од алатките за безбедност на храната, беше воспоставен Системот за брзо предупредување за храна и добиточна храна (РАСФФ) за да се поддржи брзата реакција на властите за безбедноста на храната. Ние како држава сме поврзани со овој систем и сме предупредувани за небезбедните производи што би можеле да се најдат, а и се наоѓаат во продажбата, од каде што се повлекуваат доколку се утврди дека не се безбедни. Целосна безбедност е тешко да се воспостави, а нечесна пазарна практика применуваат и трговците што на ознаката за рокот на употреба налепуваат други ознаки, при што потрошувачот се доведува во заблуда и може да консумира производ со поминат рок што исто така не е безбедно – објаснува Лончар Велкова.
И тоа е само една димензија на проблемот, па таа предупредува дека сè уште е нерешен проблемот со продажбата на овошје и зеленчук на автопатиштата, или, пак, на прометните булевари по што тие дополнително се загадуваат преку издувните гасови.
– Што е со полевањето на зеленчукот со нечиста или со загадена вода, кое на нашите трпези носи производи што не се безбедни. Ние самите тешко можеме да се заштитиме, доколку инспекциите не се на терен и не проверуваат – додава таа.
Од ОПМ посочуваат и дека најмногу потрошувачи се жалат на проблемите со производите од бела техника, техничките апарати, како и производите за дома. Се издвојуваат машините за перење, шпоретите, инвертер-климите и фрижидерите, а кај поголемиот дел од нив, врз основа на тврдењето на потрошувачот, постоел недостаток при првото вклучување, како и чекање подолг период за сервис итн.
Во чевлите купени од онлајн платформите има хемикалии
Девет од 11 чевли од онлајн платформи содржат нелегални и опасни супстанции. Штетни хемикалии како фталати и тешки метали се наоѓаат во повеќето ѓонови на тестираните чевли од популарните онлајн платформи. Од страна на Данскиот Совет на потрошувачи биле тестирани вкупно 16 пара чевли во различни стилови – мокасини, каубојски чизми, патики и сандали – од популарните онлајн платформи АлиЕкспрес, Шеин, Тему, како и од европските брендови како Х&M, Зара и Онли.
Биле тестирани чевлите за хемикалии кои се проблематични за здравјето и животната средина. Некои од нив се забранети за производи како чевли во ЕУ, додека други остануваат легални. Супстанциите вклучувале: Фталати, хлорирани парафини со краток и среден синџир, ПАХс, тешки метали, формалдехид, отпорни на пламен, алергени бои и ПФАС.
Имено биле купени 11 пара чевли од онлајн платформи надвор од ЕУ и пет пара чевли од физичките продавници.
Од петте видови чевли купени од физичките продавници, ниту една нема нелегална содржина.
Инаку, чевлите од платформите содржат и многу други штетни и нелегални супстанции. Во седум од нив пронајдени се хлорирани парафини, за кои се сомнева дека се ендокрини и канцерогени, и се штетни за животната средина. Во три од чевлите, содржината е толку висока што е нелегална. Поголеми количини на канцерогени ПАУ и штетни тешки метали како олово и кадмиум исто така се наоѓаат во неколку од тестираните чевли.


