Општините добија уште пет години да легализираат илјадници објекти, усвоени се измените на Законот
Дивоизградените објекти кои се во постапка за легализација, општините ќе имаат можност да ги завршат до март 2031 година. Мнозинството од присутните пратеници на денешната собраниска седница ги усвои најновите измени на Законот за постапување со бесправно изградените одбјекти, со кои се овозможува барањата кои се во постапка, а се однесуваат на изградени објекти без дозвола до 2011 година, да се завршат до овој рок.
Препорачано
Измените се направени по иницијатива на ЗЕЛС, а на предлог на неколку пратеници од ВМРО-ДПМНЕ. Управниот одбор на ЗЕЛС на својата последна седница ја разгледал иницијативата на Општина Битола, која ја поддржале и повеќе општини, за поднесување барање за измени на Законот, кој важи заклучно со 3 март годинава, по што постапките што се водат пред општините би запреле по сила на закон. Во барањето било образложено дека голем дел од постапките не биле завршени поради водење судски спорови поврзани со правата врз изградените објекти, судски постапки поведени во рамките на постапката што се води пред општината, поради наследни и други имотно-правни околности што требало да се решат како претходно прашање во постапка, како и други непредвидени околности.
Во моментов во општините во постапка се илјадници незавршени предмети. Така на пример, во Општина Аеродром од вкупно 10.000 барања, незавршени се 4.000, во Центар биле поднесени досега 7100 барања, а во постапка се уште 1500. Од Сарај информираат дека од 9971 предмети за легализација решени се 2215, одбиени се барањата на 3112 граѓани, а во постапка за решавање се уште 4623 предмети.
Во врска со прашањето за легализации во Општина Карпош, ве известуваме дека во периодот 2011, 2014 ,2015, 2016 и 2018 година во Општина Карпош се пристигнати 12688 барања за легализација на бесправно изградени објекти од кои решени се 9427, а во постапка се 3261 барање, посочуваат од Карпош.
Денешната расправа во Парламентот помина со многу забелешки од пратениците од опозицијата.
Пратеникот од СДСМ Оливер Спасовски истакна дека треба да се размислува генерално околу системот на урбанистичко планирање, системот за градење кој нема да зависи од волјата на поединсци на локално ниво и дека е добро притоа да се земат искуства од други земји. Тој како пример ја посочи Грција каде имаат само генерални урбанистички планови, не детални и законот дефинира каде може да се гради.
Честопати го менуваме законот за урбанистичко планирање кое не дава ефекти. Присутна е корупција во локалните заедници… Факт е и дека многу од објектите кои се градат после 2011 обезбедуваат бројчиња како да се изградени пред 2011, што значи дека општините овозможуваат такво нешто – рече Спасовски.
Сепак тој нагласи дека не треба да се стопира процесот на легализација на објектите изградени пред 2011 затоа што постапките не се завршени не по вина на граѓаните, туку по вина на институциите.
За Реџеп Исмаил од Левица, законското решение кое овозможува легализација на дивоградби е катастрофално од самиот почеток и не само што досега не еукинато, туку се овозможува уште повеќе објекти да се легализираат.
Со ова законско решение ние го правиме бесмислено кривичното дело бесправно градење. Да го укинеме, сите нека градат кај сакаат и после ќе легализираме – рече Исмаил, кој смета дека ЗЕЛС преспал многу важни проблеми, за сега приоритет е да се легализираат дивоградбите.
За пет години општините треба да легализираат објекти што не успеале ни за 15
Со ова продолжување не може да се поднесуваат барања кои се поднесени откако е истечен рокот за поднесување, но не смеат луѓето кој поднеле барање во законскиот рок да имаат штета затоа што институциите не постапиле навреме, истакна Малиша Станковиќ, воедно образложувајќи зошто се неопходни измените на законот.
Како што е познато во Скопје и низ целата држава, особено во општините каде со години нема ГУП-ови, има голем број бесправно изградени објекти и во периодот после 2011 година, но локалните власти тешко се решаваат за уривање.


